Ристо Новачевски, кумот на избеганиот експремиер Никола Груевски, на денешното судење за „Плацеви на Водно“ сведочеше дека Груевски го викнал во кабинет и му кажал дека сака да отвори фирма за градежништво и дека е заинтересиран да земе земјиште на Водно. Според сведочењето на Новачевски, Груевски побарал од него да биде управител во фирмата, како близок човек, а работите околу формирањето на фирмата ќе ги води Алек Теранова. Станува збор за компанијата „Сирах инженеринг“, фирма ќерка на „Сирах лимитед“ од Белизе. „Сирах инженеринг“ е купувач на земјиштето од 11 илјади квадратни метри на Водно.
За ова земјиште на Водно, обвинителката за организиран криминал и корупција Лиле Стефанова денеска презентираше дополнителни докази од Кипар добиени по меѓународна правна помош во прилог на тоа како одело перењето пари за кои е обвинет бизнисменот Орце Камчев. Дополни докази и од банката на Камчев од Битола и од други банки.
Сашо Мијалков одби прв да даде одбрана на крајот на оваа постапка, за да ги проучи прво доказите на Стефанова.
Но, без проблем се нафати обвинетиот Ристо Новачевски, кум на избеганиот Никола Груевски. Го испрашуваше неговиот адвокат. Бил застапник за фирма за дијализери, на светски брендови за медицински потрошен материјал, бил член на УО на ПУИГ.
„Го знам Никола Груевски од средно, му станав венчален кум на првиот брак. Откако стана премиер, се намалија контактите. Во средината на 2012 година ме викна во неговиот кабинет, ми рече дека сака да отвори компанија која ќе се занимава со градежништво и јас како близок да му бидам управител на фирмата”, го почна Новачевски сведочењето.
За која компанија се работи, праша адвокатот.
„Сирах инженеринг, фирма ќерка на Сирах лимитед. Јас никогаш не сум се занимавал со градежништво и му кажав на Груевски дека не можам да ги бркам тие работи”, одговори кумот.
Што ви рече, потпраша адвокатот.
„Јас само да бидам управител, а сите работи околу формирање на компанијата ќе ги води Алек Теранова, Александар Ивановски. Ми даде контакт и ме упати да контактираме во иднина“, кажа Новачевски.
Потоа што се случи, праша адвокатот.
„Ме информира дека е заинтересиран да земе земјиште на Водно“, кажа Новачевски.
Како се формираше фирмата, беше следното прашање на адвокатот.
„Јас го побарав Александар Ивановски. Му ги дадов моите генералии. Се видовме откако ги подготви документите за фирмата на Груевски. Ги потпишав документите и чекав за на нотар. Откако заврши постапката, ми кажа дека фирмата ќе има сметка во Стопанска банка Битола. Ми кажа да одам во експозитурата во ГТЦ, потпишав сметка, тоа беше. Потоа Алек ме информира дека пристигнаа пари на сметката, кои ќе бидат за купување на земјиште. Есента ми се јавија од банката дека има прилив на сметката и дека треба да потпишам документи. Имаше прилив од 300-400 илјади евра, кои беа пристигнати по основ на зголемување на основачкиот влог на Сирах инженеринг. Алек ме информираше дека ќе стигнат над милион евра, па очекував уште. Се случи и тоа, во два наврата, со слични суми“, раскажа кумот на Груевски.
После тоа што се случи, праша адвокатот.
„Ме информира Груевски дека ќе се купи земјиштето на Водно и дека сето тоа Алек ќе го заврши со сопствениците, а јас само треба на крајот да потпишам како управител на Сирах инженеринг“, продолжи со сведочењето Новачевски.
Дали вие на некаков начин со некое од сопствениците на тој имот сте имале средба, сте преговарале за цена за квадрат, праша конкретно адвокатот.
„Ниту сум ги видел претходно луѓето, ниту сум преговарал за цена. До ден денешен не знам каде се наоѓа земјиштето. Јас само отидов кај нотарката Анета, таму ме повика Алек. Тогаш првпат ги видов тие лица, сопствениците, ми кажаа биле странски државјани. Потоа се исплаќаше сумата за купување на земјиштето, која беше околу милион ипол евра. Извесен период имаше затишје, со фирмата не се случуваше ништо. Немаше финансиски активности, се додека во 2013 година не стигна известување за неплатен данок на имот од Град Скопје. Му кажав на Груевски дека треба да се плати. После тоа стаса уште една опомена, за која го информирав. Ми кажа во најскоро време ќе пристигнат пари за да го платам данокот. Пристигнаа парите. Ме извести Стопанска банка Битола, платив данок. До 2014 година не се случуваше ништо. Го продадов станот каде што беше регистрирана Сирах инженеринг, но адресата на седиштето не беше сменета. Кон крајот на 2014 година ме информира сопственик от дека доаѓаат новинари, се распрашуваат за Груевски, за плацеви на Водно. Го информирав Груевски и му кажав дека тоа мене ми прави проблем, дека имам сопствени бизниси. Побарав да ме тргне. Ми кажа дека во најскоро време ќе ме тргне од Сирах инженеринг. Потоа на почетокот на 2015 година се случи прес за плацевите, се спомна и моето име. Му кажав на Груевски дека тоа е веќе неподносливо за мене. Потоа ме побара и ми кажа дека земјиштето ќе биде продадено на Орце Камчев“, раскажа во детали кумот на Груевски.
Стефанова предложи да се изведат и законските приходи на Никола и Боркица Груевски, односно платите што ги примале за неколку години, како и докази за тоа како се переле пари.
Овој судски процес е за плацевите што ги купил поранешниот премиер Никола Груевски на Водно, неурбанизирани за 1,2 милиони евра, со пари за кои е обвинет дека ги украл од членарините на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ што мислеле дека даваат за партијата.
Тие пари од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, потоа Груевски, според обвинението, ги испрал со помош на сообвинетите: Јордан Камчев, Сашо Мијалков, кумот на Груевски Ристо Новачевски, адвокатот на Орце Ненад Јосифовиќ и мајката Ратка Куновска – Камчева.
Во прилог на ова обвинение се и доказите од Кипар собрани со меѓународна правна помош, како доказ како преку фирмите на Камчев и на Мијалков, биле перени и прикажани како легални за да се купат плацевите за тогашниот премиер Груевски.
С. К. ДЕЛЕВСКА