Граѓаните и работниците да го фрлаат отпадот со користење ракавици, заштитна маска КНД95 минимум, да се измијат рацете со средство за дезинфекција веднаш после фрлањето отпад и да се мијат рацете, е една од препораките на епидемиолозите од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Со денови Скопје е под купишта ѓубре, бидејќи Јавното претпријатие (ЈП) „Комунална хигиена“ нема исправни камиони, не се собира сметот, а купиштата само се натрупуваат. Од вчера некои општини ги празнеа контејнерите со помош на механизација од други градови.
Владата побара од Институтот да достави експертско мислење за тоа какво влијание може да има отпадот врз јавното здравје, како и епидемиолошки мерки врз база на доставени записници од инспекторат, каде е констатирана фактичка состојба.
„Стручни лица од ИЈЗ го разгледаа доставениот материјал и го испратија извештајот до институциите“, рече директорката на ИЈЗ д-р Марија Андоновска на денешната прес-конференција.
Андоновска кажа дека меѓу препораките е Општините да направат вонредна итно вонредно испирање, дератизација, дезинфекција и дезинсекција на местата со расфрлан отпад и контејнерите, и иако тоа не е толку лесно во поглед на снабдување со соодветни средства, Општините треба да најдат начин тоа да го спроведат дополнително во овој период.
- СКОПСКИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ЌЕ БАРААТ КАМИОНИ ОД ДРУГИ ГРАДОВИ ЗА СОБИРАЊЕ НА ЃУБРЕТО
- РАСИПАНИ СЕ КАМИОНИТЕ НА СКОПСКА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“, НЕМА НИ РЕЗЕРВНИ ДЕЛОВИ, КАЖА СИНДИКАТОТ И НАЈАВИ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА РАКОВОДСТВОТО
-
Епидемиологот д-р Мирјана Димовска апелираше до соодветните институции да спречат поставувања контејнери во близина на здравствени институции, образовни институции, градинки, игралишта и дека треба да се постават средства за дезинфекција во сите училишта.
„Препорачуваме совесно одлагање на отпадот (во контејнерите, кабастиот отпад на соодветен начин а не во контејнерите и сл.), внимателно ракување, селектирање, собирање и фрлање на отпадот, затворање на капаците на кантите при фрлање на отпадот, да се избегнува физички незаштитен контакт со отпадот, да се избегнува стагнирана (застоена) вода и исцедок од отпадот, да се внимава при излегување со домашни миленици да не дојдат во допир со отпадот и исцедок од истиот, да не се фрла отпад надвор од одбележаните места за собирање на истиот, да не се фрла отпад на нелегални депонии, како и заштита и намалување на штетната изложеност на сите работници кои доаѓаат во контакт со отпадот (опрема за лична заштита)“, се вели во дел од препораките.
Според Центарот за контрола на болести, и стаорците и глувците се одговорни за пренесување на преку 35 болести ширум светот.
Близината на стаорците до местото каде што јадеме, живееме и одиме во секојдневниот живот, може да биде вознемирувачка бидејќи има многу опасни болести поврзани со глодари кои можат да ги погодат луѓето како што се: хантавирус, треска од каснување од стаорец, чума, тифус на глувци, лептоспироза, лајма болест, свинска дизентерија и салмонела.
Преку нивното крзно, плунка, урина и измет, стаорците и глувците можат да пренесат болести од загадените области и да го забрзаат ширењето на овие болести со голема брзина, а тие се вектори на најзаразните болести, т.е. тие се живи организми кои можат да пренесат заразни болести меѓу луѓето или од животните на луѓето.
Б. НЕСТОРОСКА



