ЃУБРЕТО ВО СКОПЈЕ ВТОР ДЕН НЕ СЕ СОБИРА, КОНТЕЈНЕРИТЕ СЕ ПРЕЛЕВААТ, ВРАБОТЕНИТЕ И СИНОЌА ПРОТЕСТИРАА (ФОТОГАЛЕРИЈА)

    ЃУБРЕТО ВО СКОПЈЕ ВТОР ДЕН НЕ СЕ СОБИРА, КОНТЕЈНЕРИТЕ СЕ ПРЕЛЕВААТ, ВРАБОТЕНИТЕ И СИНОЌА ПРОТЕСТИРАА (ФОТОГАЛЕРИЈА)Затрупани во ѓубре се и патеките околу садовите за смет, кое се развлекува и по улиците и парковите.(Фото: К.Попов)

    Втор ден ѓубрето во Скопје не се собира, па главниот град сред лето е затрупан во смет. Контејнерите се полни оти два дена вработените не излегуваат со камионите да ги празнат. Затрупани во ѓубре се и патеките околу садовите за смет, кое се развлекува и по улиците и парковите. Полни се и кантите за смет од индивидуалните домаќинства.

    Улица Теодосиј Гологанов. (Фото: К.Попов)

    Вработените во трета смета и синоќа протестираа во кругот на претпријатието. Наместо да излезат со камионите и да ги празнат контејнерите тие бараат средба со директорката Косана Мазнева-Николиќ, повисоки плати, исплата на К-15 и враќање на работа на колегите кои пред неколку дена добиле отказ. Директорката синоќа се појавила на протестот во претпријатието, им ветила исплата на К-15 и побарала вработените да излезат на улиците. Преговорите најавила дека ќе продолжат од понеделник.

    Населба Хром. (Фото: СДК.МК)

    Синоќешниот протест бил пријавен и во полиција. Во полициска станица Гази Баба синоќа околу 23.00 часот е пријавено дека во јавно претпријатие на подрачјето на Гази Баба дел од вработените пред капијата одржуваат протест. Полициски службеници излегле на лице место, при што било констатирано дека околу 50 лица протестираат. Исто така, на 09.07.2023 околу 01.30 часот е пријавено дека дел од вработените ги попречуваат влезот во претпријатието на останатите вработени и извршувањето на работните обврски. Од МВР информираат дека е известен јавен обвинител.

    Контејнерите зад Собранието. (Фото: К.Попов)

    Мазнева-Николиќ вчера на прес-конференција кажа дека станува збор за намерна блокада на претпријатието од страна на група која припаѓа на подземјето и има поддршка од политички моќници. Рече дека таа воспоставила ред во работењето и затоа сега тие што ништо не работеле, а земале плата, организираат бунт.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира