Густа магла сосема го затвори Скопскиот аеродром. Од саботата попладне по 16 часот ниту еден авион не успеа да слета поради намалената видливост која во текот на ноќта падна и под 100 метри и беа откажани 8 полетувања кон различни дестинации.
Денеска се откажани утринските летови за Загреб на „Кроација ерлајнс“ и Истанбул на “Туркиш ерлајнс“, а неизвесно е и дали ќе се реализираат и утринските летови на „Визер“ бидејќи сите четири авиони што се во базата во Скопје ноќеска не можеа да се вратат дома и беа пренасочени кон аеродроми во регионот. Дури и ако маглата се дигне, денеска може да се очекуваат доцнења по неколку часа и сериозно пореметување во редот на летање.
Авионите на „Визер“ од Малме, Нирнберг и Рим ноќеска слетаа во Приштина, а оној од Берлин беше пренасочен за Софија.
Во саботата попладне патниците што доаѓаа со полската компанија ЛОТ од Варшава повторно беа вратени во Варшава.
Патниците се советуваат да се консултираат со компаниите од кои имаат купено карти за промени на резервациите и евентуални компензации.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во Скопје и денеска се очекува утринска магла и ниска облачност.
Пореметувања на авиосообраќајот на Скопскиот аеродром имаше и на 2 и 7 јануари кога во утринските часови до кај пладне беа откажувани неколку летови, но до целосно затворање на аеродромот сепак не дојде бидејќи маглата не беше толку густа и одвреме навреме видливоста се подобруваше.
Поради конфигурацијата на теренот, Скопскиот аеродром е ограничен на Категорија 1 и не може да добие прекатегоризација во Категорија 2 со што би се намалиле минимумите за слетување при намалена видливост. Од Министерството за транспорт и врски велат дека ограничувањата за слетување при намалена видливост не се поради неесоодветна опрема, туку поради теренот каде што се наоѓа аеродромот во Скопје.
Oдлуката да се слета во одредедени минимални услови на видливост не зависи само од капетанот, туку и од опремата на аеродромот, уредите во авионите, обученоста на пилотите и компаниските регулативи кои се строги во цивилното воздухопловство. Што се однесува до компаниите што летаат на Скопскиот аеродром, тие се усогласени на минимум 550 метри видливост на пистата и тоа само од јужната страна. Ако видливоста е помала, тогаш извесно време кружат додека не се подобри, а ако не се дигне маглата, се пренасочуваат кон аеродромите во регионот, најчесто Приштина, Софија и Тирана, а некогаш и Солун.
Компаниите го избегнуваат Охрид како алтернативен аеродром. Обично ги избираат аеродромите каде што има подобра земјена логистика, каде што имаат резервни екипажи и каде што може брзо и ефикасно да се обезбеди автобуски превоз за пренасочените патници.
Во саботата магла имаше и во Охрид.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВА:
СЛЕДЕТЕ ГО И НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ