И НОВАТА ВЛАДА ПОСТАВУВА В. Д. ДИРЕКТОРИ НАМЕСТО ДА ГИ ИЗБИРА НА ОГЛАС, ДЕЛ ОД НИВ НЕ ГИ ИСПОЛНУВААТ УСЛОВИТЕ И НА ТАА ФУНКЦИЈА ОСТАНУВААТ СО ГОДИНИ

    И НОВАТА ВЛАДА ПОСТАВУВА В. Д. ДИРЕКТОРИ НАМЕСТО ДА ГИ ИЗБИРА НА ОГЛАС, ДЕЛ ОД НИВ НЕ ГИ ИСПОЛНУВААТ УСЛОВИТЕ И НА ТАА ФУНКЦИЈА ОСТАНУВААТ СО ГОДИНИИако дел од законите го ограничуваат мандатот на в.д. директорите на шест месеци, сепак во голем број институции остануваат многу подолго на оваа функција. (Фото: К. Попов)

    И новата Влада продолжува со праксата за именување в. д. директори на институциите наместо да се распише јавен оглас. Со тоа, дел од директорите кои се поставени на чело на државните установи не ги исполнуваат законските услови односно немаат соодветно образование и потребно работно искуство.

    Во првиот месец од работењето на новата Влада, беа именувани повеќе в. д. директори. Па така, Владата, без постапка, разреши и именуваше в. д. директори во поголем број државни органи за кои таа има надлежност да именува. Со стапување на функцијата, министерот за здравство Арбен Теравари, согласно дискреционите овластувања кои му ги дава Законот за здравствената заштита, донесе решенија за разрешување на оние в. д. директори на јавните здравствени установи на кои им истече мандатот и на нивно место, без јавен оглас и постапка, со решение именуваше нови в. д. директори.

    Истото ова се однесува и на ресорот култура. Директорите на националните установи од културата на кои им истече мандатот беа разрешение од министерот за култура и на нивно место беа именувани в. д. директори. В. д. директор доби и затворот Шутка.

    Анализите на Центарот за управување со промени (ЦУП) покажуваат дека институтот „вршител на должност или в. д. директор“ се користи премногу често и тоа во сите ресори и иако дел од законите го ограничуваат мандатот на в. д. директорите на шест месеци, сепак во голем број институции в. д. директорите остануваат многу подолго на оваа позиција.

    „Согласно достапните податоци, за време на мандатот на претходната влада околу 40% од институциите во јавниот сектор беа раководени од в. д. директори. Редовната постапка за именување директор се спроведува врз основа на јавен оглас, а кандидатите мора да ги исполнуваат законски утврдените услови за избор. Но, со именување на в. д. директор се заобиколува редовната постапка за избор и постои ризик за директори да се именуваат лица кои не ги исполнуваат законските услови, особено во однос на видот на образовниот профил и искуството во соодветната област. Дополнително, мора да се потенцира фактот дека в. д. директорот има исти права и овластувања како и директорот. Праксата на именување управувачки структури во институциите од јавниот сектор продолжува и со изборот на новата влада. Па така, Владата, без постапка, разреши и именуваше в. д. директори во поголем број државни органи за кои таа има надлежност да именува директори“, вели Анета Иванова-Стојаноска од Центарот за управување со промени.

    Иако фунцијата вршител на дожност законски може да се врши само 6 месеци, во голем број институции не се распишува оглас откако ќе измине тој период, туку в. д. директорите со години се на функцијата. Минатиот состав на Антикорупциската комисија во своето работење наиде на случаи каде исти лица биле назначувани за в. д. директори, првиот 7 пати по шест месеци, а вториот дури 11 пати.

    Според законот за здравствена заштита, в. д. директор се именува до именување на директор по распишан конкурс, но не подолго од шест месеци. Законот не пропишува дека в. д. директорот треба да биде од редот на вработените во јавната здравствена установа.

    Според член 34 од Законот за културата, во случај кога не е избран директор на национална установа или предвреме му престанал мандатот, министерот за култура веднаш именува вршител на должноста директор, без јавен оглас, од редот на вработените. Вршителот на должноста директор, се именува за време до изборот на директор на националната установа, а најдолго за шест месеци. Министерството за култура, веднаш по именувањето вршител на должноста директор, распишува јавен оглас за директор.

    Законот за социјална заштита, пак, предвидува можност, во јавната установа за социјална заштита основана од Владата, министерот да назначи вршител на должноста директор од редот на стручните работници во јавната установа, најмногу за шест месеци со можност за продолжување за уште шест месеци.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира