Институцијата Народен правобранител е пред распаѓање поради политичките партии, зашто нема Бадентерово мнозинство во Собранието за избор на нов омбудсман.
Вработените кажуваат дека институцијата нема платено 4 кирии за канцелариите на улица „Македонија” во Скопје кај што е сместено седиштето и најголемиот број од вработените, а секој месец фрчат опомени од страна на компанијата-сопственик на зградата. Ист е случајот и со Канцелариите на Народниот правобранител во поголемите градови.
Институцијата му должи и на ЕВН за куп неплатени сметки, па и се заканува и исклучување од струја. Исто е и со сметките за вода, интернет и друго.
Од јануари 2026 година извесно е и дека овластениот заменик-омбудсман Илбер Руфати нема да може да потпишува ни за плати на вработените, а камо ли да ги плати долговите за кирија и комуналии.
Пред две недели тој испратил писмо до Министерството за финансии со барање да се изјаснат оттаму да кажат дали на Руфати ќе му важи потписот и оваа година. Од тој одговор од Финансии ќе зависи и дали ќе може Руфати да го потпише планот за јавни набавки, за кој рокот е до 31 јануари.
И САКАМДАКАЖАМ.МК испрати прашање до Министерството за финансии за потписот, но одговор сè уште не добивме.
Парламентарните партии не можат да се усогласат околу кандидатот од владејачката Вреди Фатон Сељами за нов Народен правобранител, од јули 2025 наваму.
Прашан на денешниот брифинг, претседателот на Собранието Африм Гаши одговори дека може да се повлече сам кандидатот Сељами и да биде предложен пред пратениците некој од другите 16 пријавени кандидати на огласот за Омбудсман, но не знае дали и тој ќе им биде погоден на партиите во Парламентот.
С. К. ДЕЛЕВСКА



