Италија пријави нови 133 смртни случаи од коронавирусот, истиот ден кога на сила стапија строгите мерки на карантин во северните и во централните региони од земјата. Од нив, повеќе од 100 починале во северниот регион Ломбардија.
Според Агенцијата за цивилна заштита, во Италија досега починале 366 луѓе од КОВИД-19 и има пораст на бројот на заразени од 25%, од 5.883 на 7.375.
Премиерот Џузепе Конте објави дека се затвораат сите училишта, музеи, ноќни клубови и други јавни места низ целата земја, додека 16 милиони луѓе од Ломбардија и од 14 други региони ќе мора да добијат специјална дозвола ако сакаат да патуваат. Суспендирани се сите национални и меѓународни летови од и до аеродромот „Малпенса“ во Милано. Другиот аеродром „Линате“ е отворен само за домашни летови, но и тие се редуцирани.
Радикалните мерки ќе бидат на сила до 3 април.
Најновите податоци кажуваат дека Италија сега има најголема бројка заразени надвор од Кина, каде што КОВИД-19 првпат беше идентификуван пред нова година.
И во Франција сега има повеќе од илјада заразени, додека бројката починати порасна од 11 на 19.