За унапредените судијки Марија Клетничка-Марковска и Цветанка Сиљановска-Костадиновска во Апелациониот суд Скопје, а кои се сопруги на советникот на премиерот Сашо Марковски и на претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, премиерот Христијан Мицкоски вчера се правдаше со Судскиот совет.
Мицкоски преку ноќ му го врати кредибилитетот на Судскиот совет, кого речиси секојдневно откако е дојден на функцијата го нарекува канцер на судството, па прашан за унапредувањето на сопругата неговиот советник Марковски, тој кажа дека таа била највисокорангирана во оценувањето од Судскиот совет и затоа не гледа никаков проблем во нејзиниот избор.
Мицкоски досега постојано ги повикуваше членовите на Судскиот совет да си поднесат оставки, ги навредуваше и критикуваше не само тој, туку целата партија ВМРО-ДПМНЕ. Ги нарекуваат корумпирани, продолжени раце на СДСМ и на ДУИ, некомпетентни. Специјална собраниска седница иницираа за нивна интерпелација, на која им изгласаа недоверба на пола членови на Судскиот совет.
Премиерот по седницата најави и протести ако не си поднесат оставки и рече дека тој ќе биде во првите редови.
Токму еден од тие најкритикувани членови на Советот, ги оценувал и ги рангирал судијките – сопруги на советникот на премиерот и на претседателот на Уставниот суд.
Деновиве кога јавноста е бранувана од унапредувањата на сопругите на функционери, веќе се заборави дека пред пет месеци во Судскиот совет влезе судијката Данка Ристова, сопруга на градоначалникот на Радовиш Ацо Ристов од ВМРО-ДПМНЕ.
Неа ја избрале судиите на непосредни избори, но исто како како колешките Марија Клетничка-Марковска и Цветанка Силјановска-Костадиновска, и Данка Ристова не можела да се воздржи да се кандидира за висока функција додека сопругот ѝ е градоначалник.
Во октомври лани, по победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите, вон правилата, на затворена седница, за нова директорка на Академијата за судии и јавни обвинители беше избрана битолската обвинителка Ирина Трајкоска-Стрезоски.
СДСМ и вчера критикуваше дека планот на власта е сите места во судството да ги заземаат сопруги, роднини и блиски луѓе до нејзиниот врв. Унапредувањата и изборот одат по партиска книшка и политичка лојалност, а не според интегритет и стручност, рекоа оттаму.
Во времето на Зоран Заев, две негови соработнички од Владата беа избрани за членки на Советот.
С. К. ДЕЛЕВСКА