ИЗГЛАСАНИ ПРЕКРШОЧНИТЕ КАЗНИ ЗА СТАРТ НА „БЕЗБЕДЕН ГРАД“, АГЕНЦИЈАТА ЗА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ ЗАСЕГА БЕЗ ГАРАНЦИЈА ДЕКА МВР НЕМА ДА ГИ ЗЛОУПОТРЕБИ СНИМКИТЕ

    ИЗГЛАСАНИ ПРЕКРШОЧНИТЕ КАЗНИ ЗА СТАРТ НА „БЕЗБЕДЕН ГРАД“, АГЕНЦИЈАТА ЗА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ ЗАСЕГА БЕЗ ГАРАНЦИЈА ДЕКА МВР НЕМА ДА ГИ ЗЛОУПОТРЕБИ СНИМКИТЕАгенцијата за заштита на лични податоци допрва ќе прави супервизија за можните злоупотреби со телефонските броеви, е-поштата на возачите и од собраните снимки од нивниото и од движењето на случајните минувачи. (Фото: СДК.МК)

    Со 81 глас „за“, денеска Собранието ги донесе измените на Законот за прекршоци, со кои стартува проектот „Безбеден град“ со кој се активираат уличните камери за казнување за сообраќајни прекршоци. Пред да го стави на гласање претседателот на Собранието Африм Гаши, координаторот на СДСМ Оливер Спасовски измените на Законот за прекршоци ги нарече „измени за собирање пари од казни“, по што го повтори главниот проблем и причина што неговата пратеничка група не гласа за измените што значат почеток на примената на „Безбеден град“ од први февруари.

    „Не е регулирано чувањето на личните податоци, мејловите на сите возачи, нивните телефонски броеви за праќање смс за казни, снимките од движењето на граѓаните итн. Посебно што актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ има лоша историја со злоупотреба на личните податоци на граѓаните“, кажа Спасовски.

    Притоа, тој кажа и дека многу детали не се разбистрени, а се брза со почнување на примената на системот.

    „Сообраќајни знаци ви велат можете 70 или 80 километри на час, ве фаќа камерата, ви стигнуваат маил и смс-порака дека камерата регистрирала оти возите над 50 километри на час. Натаму, на пример во Куманово, имате семафор на кој свртувањето трае неколку секунди, при што среде вртење ви се пали црвено“, предупреди Спасовски дек сите овие нефер ситуации и замки требало да се исклучат пред да се изгласа Законот за прекршоци и „Безбеден град да стартува по 6 месеци .

    САКАМДАКАЖАМ.МК ја праша Агенцијата за заштита на лични податоци: Дали има можност за злоупотреби со снимките од граѓани, од нивните движења, како и со нивните лични податоци? Кои закони треба да се сменат и што треба да се смени/направи за да не се загрозат демократските права за движење на граѓаните, без да се злоупотребуваат снимките од нивното движење? Кој ќе ја врши контролата врз овие системи за да нема злоупотреби?.

    Прашавме и со кој закон е регулиран проектот „Безбеден град“ и дали како Агенција за заштита на личните податоци е задоволна од решенијата? Дали МВР, Владата или Министерството за правда побараа мислење од Агенцијата околу тоа кој, како и со каква контрола располага со податоците за движењето на граѓаните и на возилата?

    По неколкудневно чекање, Агенцијата за заштита на личните податоци ни одговори дека е точно оти контролата врз системот „Безбеден град“ во делот на заштитата на личните податоци ја врши Агенцијата за заштита на личните податоци, во рамките на надлежностите утврдени со Законот за заштита на личните податоци.

    Согласно законот, Агенцијата спроведува супервизија како независна и системска контрола на законитоста на обработката и заштитата на личните податоци. Супервизијата опфаќа спроведување редовни, вонредни и контролни супервизии, со цел да се утврди дали контролорите и обработувачите ги обработуваат личните податоци на законит и правичен начин и дали се почитуваат правата на субјектите на личните податоци“, одговори Агенцијата.

    Во продолжение кажува дека во изминатиот период, Агенцијата има примено повеќе иницијативи од граѓани поврзани со системот „Безбеден град“ и оти по тие претставки и стравувања почнала вонредна супервизија за можните злоупотреби со личните податоци и снимките од движењата на граѓаните.

    „Во рамките на своите законски надлежности, Агенцијата започна постапка за спроведување вонредна супервизија, со фокус на усогласеноста на системот ‘Безбеден град’ со Законот за заштита на личните податоци. Постапката сè уште е во тек, а по нејзиното завршување, јавноста ќе биде информирана за исходот од супервизијата. Ако имате дополнителни прашања за проектот ‘Безбеден град’ и заштитата на личните податоци, ви посочуваме дека можете да се обратите до Офицерите за заштита на личните податоци на Министерството за правда и на Министерството за внатрешни работи“, упатува Агенцијата.

    Системот „Безбеден град“ во делот кој се однесува на унапредување на безбедноста на сообраќајот е уреден со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Законот за возила, како и со предложените измени на Законот за прекршоците.

    Агенцијата за заштита на личните податоци, во рамките на своите надлежности утврдени со Законот за заштита на личните податоци, вели дека има дадено мислења за Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и за Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците.

    „Во текот на имплементацијата на системот, Агенцијата во повеќе наврати има дадено насоки за усогласување со прописите за заштита на личните податоци. Процесот на усогласување сè уште е во тек и се очекува да биде целосно завршен пред системот да биде ставен во употреба“, вели Агенцијата за заштита на личните податоци.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира