ИЗВЕСТУВАЧОТ ВАЈЦ РЕЧЕ ДЕКА БУГАРСКИ ПРАТЕНИЦИ ГО КИДНАПИРАЛЕ ИЗВЕШТАЈОТ ЗА МАКЕДОНИЈА ОТКАКО ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ГО УСВОИ БЕЗ СПОМЕНУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК И ИДЕНТИТЕТ

    ИЗВЕСТУВАЧОТ ВАЈЦ РЕЧЕ ДЕКА БУГАРСКИ ПРАТЕНИЦИ ГО КИДНАПИРАЛЕ ИЗВЕШТАЈОТ ЗА МАКЕДОНИЈА ОТКАКО ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ГО УСВОИ БЕЗ СПОМЕНУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК И ИДЕНТИТЕТВо извештајот се наведува дека проширувањето треба да биде процес заснован на заслуги според Копенхашките критериуми. - Европскиот парламент во Стразбур (Фото: СДК.МК)

    Европскиот парламент денеска со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ го усвои Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2023 и 2024 година. Меѓутоа, во конечната верзија на текстот се отстранети сите референци за „македонскиот јазик и идентитет“, кои претходно беа вклучени во нацрт-верзијата усвоена од Комитетот за надворешни работи (АФЕТ).

    Известувачот за земјава во Европскиот парламент, австрискиот европратеник Томас Вајц, по гласањето изјави дека некои бугарски европратеници го киднапирале извештајот за домашни политички цели.

    „Како известувач, работев неуморно за избалансиран и непристрасен извештај за демократскиот напредок на оваа земја. За жал, некои бугарски европратеници го киднапираа извештајот за домашни цели“, рече Вајц по гласањето.

    Тој додаде дека ова е прв извештај за земјата од 2022 година и рече дека Северна Македонија е предводник во регионот, покажувајќи посветеност на вредностите на ЕУ преку историската промена на името и спроведувањето реформи.

    „Пристапувањето на земјата е неправедно блокирано предолго поради билатерални спорови, што ја поттикнува фрустрацијата и разочараноста на јавноста од ЕУ“, додаде Вајц.

    Во извештајот се наведува дека проширувањето треба да биде процес заснован на заслуги според Копенхашките критериуми и се повикува Македонија да ги спроведе неопходните реформи. Европратениците го поздравија новиот Инструмент за реформи и раст вреден 750 милиони евра и ја пофалија амбициозната агенда на земјата.

    Сепак, тие бараат силен фокус на имплементација на реформите, особено во јавната администрација, владеењето на правото и антикорупциските политики. Во текстот се нотираат влошените трендови кај корупцијата на високо ниво и ниската доверба на јавноста во судството, поради што се бара зајакнување на судската независност, поголема одговорност и соодветни ресурси за надзорните тела.

    Парламентот изразува и длабока загриженост што Северна Македонија и другите земји кандидати од Западен Балкан се особено тешко погодени од странско мешање и кампањи за дезинформации. Во резолуцијата се изразува и тревога поради улогите на унгарската и српската влада во унапредувањето на геополитичките цели на Кина и Русија во регионот.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира