ЈАНЕВА ДОБИЛА МЕБЕЛ ОД 5.000 ЕВРА ЗА ДА ЈА ЗАПРЕ ПОСТАПКАТА ПРОТИВ КАМЧЕВ, РУСКОСКА БАРА ПРИТВОР ЗА НЕА

    ЈАНЕВА ДОБИЛА МЕБЕЛ ОД 5.000 ЕВРА ЗА ДА ЈА ЗАПРЕ ПОСТАПКАТА ПРОТИВ КАМЧЕВ, РУСКОСКА БАРА ПРИТВОР ЗА НЕАОбвинителите Љубомир Јовески и Вилма Рускоска на денешната прес-конференција за случајот „Рекет“ (Фото: СДК.МК)

    Јавното обвинителство уште од донесување на наредбата за истрага за тргување со влијание и за перење пари против Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески – Кичеец, имало основани сомневања дека и специјалната обвинителка Катица Јанева, лице врз кое се влијаело за да влијае врз истрагите, сторила кривични дела злоупотреба на службената положба и овластувањата.

    „Јавната обвинителка Вилма Рускоска донесе наредба за проширување на постапката и врз специјалната обвинителка Јанева. Обвинителката Рускоска побара мерка притвор“, рече на денешната прес-конференција државниот обвинител Љубомир Јовески, во присуство на Рускоска.

    Јовески објасни како Јанева за себе и за други лица прибавила значителна имотна корист за да му ја олесни состојбата на осомничениот Јордан Камчев во „Империја“, кого го стави во притвор обвинителката од СЈО Лиле Стефанова.

    „Еден од осомничените (Боки 13 н.з.), со влијание врз Јанева врз база на претходно изградено блиско пријателство, влијаел врз неа за таа да преземе недозволени дејствија за на едно лице (Орце Камчев н.з.) да му се олесни притворот, да му се замени со куќен притвор, да предложи во СЈО спогодба за вина со плаќање на отштета и враќање на пасошот“, рече Јовески, поткрепувајќи го ова фактографски со датуми и активности потоа со кои се реализирани сите овие ветени олеснувања.

    Двајцата, за да го убедат осомничениот Камчев дека Јанева има влијание, преку спикерфон од телефонот добиле нејзина потврда пред Камчев дека ветувањата за олеснувањата ќе бидат извршени од неа.

    По ова, сопругата на Орце, Ана Камчева му платила на посредникот Јовановски првин 500.000 евра, а потоа Камчев од куќен притвор, рече Јовески, доплатил уште милион евра.

    Со ветување дека ќе биде заштитен сведок и ќе плати со спогодба, без да оди во затвор, Јанева прибавила имотна корист – мебел во износ од 298.000 денари, кој за јавниот обвинител го набавил еден од осомничените, во исто време кога бил доплаќан милионот евра за Боки 13 и за Зоки Кичеец.

    „Во периодот март-април 2019 година, по предлог на јавниот обвинител, судот привремено одземените патни исправи му ги вратил на осомничениот од предметот ‘Империја’. Јавниот обвинител со тоа што при неизменети околности по кои бил определен и продолжен притворот и непосредно потоа дал предлог тој да се укине и да се замени со поблага мерка-куќен притвор, а потоа дал и предлог привремено одземените патни исправи да му се вратат на осомничениот, а понатаму да ја олесни неговата положба во таа истражна постапка со тоа што тој ќе добие својство на заштитен сведок и ќе ја запре постапката или да склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела и да плати незначителен износ на штета, ја искористил својата службена положба и овластувања, кои ги има согласно законите и за себе и за двајцата осомничени, против кои се води истрагата, прибавил имотна корист во значителен износ, и тоа за себе предмети – мебел во износ од 298.000 денари, кои за јавниот обвинител ги набавил еден од осомничените, а за двајцата осомничени прибавил имотна корист од 1.500.000 евра“, кажа Јовески.

    Нема ниедна индиција дека платните средства завршиле кај кој било политичар од нашата држава, рече Јовески.

    Прашан што ќе се случува со СЈО ако на Јанева ѝ биде одреден притвор, Јовески кажа дека според законите Советот на јавни обвинители треба да констатира дека специјалната обвинителка е спречена да извршува функцијата и да именува в.д. од редот на обвинителите од СЈО.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира