ЌЕ БАРАМЕ ОД ПРИВАТНИТЕ БОЛНИЦИ ДА КАЖАТ КОЛКУ ДОКТОРИ ОД ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО СИ ГО ТРОШАТ РАБОТНОТО ВРЕМЕ КАЈ НИВ, КАЖА АЛИУ

    ЌЕ БАРАМЕ ОД ПРИВАТНИТЕ БОЛНИЦИ ДА КАЖАТ КОЛКУ ДОКТОРИ ОД ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО СИ ГО ТРОШАТ РАБОТНОТО ВРЕМЕ КАЈ НИВ, КАЖА АЛИУАлиу велi дека еден пациент да чека со месеци за операција или преглед, а во исто време да се гледа дека капацитетите на клиниките не се искористени максимално во текот на работното време. (Фото: К. Попов)

    Имаме ситуација каде што имаме доктори што прегледуваат само еден пациент неделно, а имаме доктори што прегледуваат 100 пациенти неделно. И едниот и другиот се отстапки и не се во ред. Тоа институционално ќе го решиме, кажа денеска министерот за здравство Азир Алиу.

    Премиерот Христијан Мицкоски, на вчерашните пратенички прашања во Собранието, рече дека има одредени здравствени работници кои преку сомнителни практики си ги зголемувале месечните примања, работеле секој ден по 24 часа, без пауза.

    „Треба да зборуваме и малку со доза на критика кон одредени здравствени работници коишто наоѓаат начин преку чуден еден нов изум или еликсир, којшто јас го нареков еликсир на континуирана работа да книжејќи си дежурства да добиваат месечни примања коишто честопати знаат да бидат и над 10.000 евра. Чудно но вистинито. Има и такви здравствени работници коишто со помош на овој еликсир успеале да работат 31 ден во месец кога има 30 дена или помалку 28 и ни помалку ни повеќе туку 24 часа. 31 ден, 24 часа, без одмор, без пауза, цело време посветени на работа“, рече Мицкоски.

    Одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција за нов закон за лекови, Алиу рече дека за секоја институција има податоци колку имаат вработени, колку тие вработени работат дополнително, колку работат часови и дали се во согласност тие институции со законските предвидени ограничувања.

    „Знаете дека максимум 20 отсто мора да се работи на тоа, и ние имаме институции кои што веќе се дефинирани дека тоа не е постапено, односно имаат многу повеќе од тоа. Анализите покажаа дека во некои институции, вкупно 7 клиники има вработени кои работат и до 41% дополнителна дејност, иако законскиот лимит е 20 отсто. Во тој процес, исто така, имавме прес-конференција за листа на чекање којашто веќе порталот функционира и е достапен. Денеска имав состанок со таа работна група – дали се ажурира на време? За жал, не се ажурира и барав од сите здравствени институции да мора дневно да се ажурира. Најверојатно ќе најдеме и законско решение за да може да ги казниме институциите и директорите ако тоа не се постапува. Веќе за џабе ние креираме дигитални решенија ако тие решенија не се ‘хранат’. Вие може да имате решение, ако некој не става податоци внатре, за џабе ви се тие решенија. Исто така, тука мора да бидеме построги. Веќе го тестиравме едно од решенијата коешто со закон е овозможено, а тоа е фингерпринтот за да може здравствените работници со ‘чек ин’ и ‘чек аут’ да направат според тој систем. Веќе во две клиники тестираме ваков систем. Ќе го воведеме прво во Скопје, а после во целата држава, за да може да ги следиме. Законски, секој директор мора и може да следи сега, но за жал ситуацијата е таква каква што“, кажа Алиу.

    Министерот рече дека има лекари кои земале и повеќе од 10 илјади евра плата, т.е. околу 11.400 евра (700.000 денари), и дека и како Министерство за здавство и како Влада ги знаат институциите, која како делува. Кажа дека тоа институционално ќе се реши, бидејќи тоа повлекува и други административни и законски процедури коишто не би смеел како министер денеска да ги каже на прес-конференција, бидејќи ќе го загрози процесот.

    „Исто така, ќе бараме од приватните здравствени институции да видиме таму колку нашите вработени во државните здравствени институции трошат време. Тоа е процес којшто мора да се компарира, процес којшто трае и, морам да бидам искрен, процес којшто има препреки во процесот бидејќи со тешки маки и енергија доаѓаме до податоци. Ви кажав, еве за жал, ако влезете сега во листа на чекање ќе видите институции коишто не ажурираат податоци, а законски мора да го направат тоа. Тоа е тоа, мора да се смени менталитетот и затоа ќе работиме паралелно и на законски решенија и на терен со нашите органи коишто имаат надлежност за тоа“, кажа министерот.

    Алиу додаде дека здравствените власти не сакаат да бидат полицајци во здравството, но мора да има ред. Не може, вели,  еден пациент да чека со месеци за операција или преглед, а во исто време да се гледа дека капацитетите на клиниките не се искористени максимално во текот на работното време.

    „Овој закон што го подготвуваме ќе овозможи и поголема моќ на инспекторатот и на самите директори на клиниките да реагираат доколку видат дека има отстапувања од протоколите. ​Исто така, работиме на поврзување на софтверот на аптеките со нашиот централен систем. Тоа ќе спречи било каква манипулација со рецепти или со залихи на лекови кои се на позитивната листа. Технички е многу едноставно кога имате волја и вистински софтвер. Секој здравствен работник има свој уникатен број. Преку интегрираниот систем, ние ќе можеме да видиме дали тој број се појавува во исто време или во нелогични временски интервали во две различни институции. Доколку некој треба да биде на дежурство на државна клиника, а во исто време неговиот профил е активен во приватна болница за интервенција, системот веднаш ќе сигнализира аларм. Тоа е таа интероперабилност за која зборував – поврзување на сите бази на податоци во една заедничка точка на надзор“, кажа Алиу.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира