Учениците нема да одат порано на зимски распуст поради загадениот воздух, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска. Денеска, на новинарско прашање при посетата на Економскиот факултет на Унивезритетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, дали поради загадениот воздух Министерството за образование и наука (МОН) размислува за предвремено завршување на првото полугодие од учебната 2025/2026, Јаневска изјави дека остануваат уште малку денови до распустот.
Како што рече, во овој момент немаат информации дека нивното здравје е загрозено и дека не е проблем ако од здравствени причини отсуствуваат ден-два од настава. Но, додаде, треба да се напушти негативната појава од минатото кога од различни причини се скратувале учебните денови.
„Жал ми е што мора да направам груба споредба, но во некои европски земји децата и кога имаат грип, и во градинки и на училиште, одат на настава сѐ додека нивното здравје не е загрозено. Ова го велам поради коментарите дека нашите деца многу учат и се оптоварени. Не, не се. Доколку здравјето им е во прашање, секако лекарите и родителите ќе одлучат за тоа, но доколку не е ништо сериозно, сметам дека и да отсуствуваат ден-два не е проблем. А би било проблем, како што во минатото се случуваше, да ги скратуваме учебните денови, учениците да отсуствуваат затоа што родителите ги носат на поевтин одмор, за да се подготват за писмена итн. Овие негативни појави полека ќе треба да почнеме да ги отстрануваме. Но, секогаш ќе одлучуваме во корист на нивното здравје. Во овој момент немаме информации дека нивното здравје е загрозено“ рече Јаневска.
Откако со денови повеќе градови во земјава беа меѓу најзагадените во светот, утринава Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) соопшти дека согласно податоците од Државниот автоматски мониторинг систем на ден 22.12.2025, среднодневните концентрации на РМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 150 mg/m3 и епизодата со надминување на прагот на алармирање за РМ10 честички е прекината во Скопје и Струмица.
„Со тоа мерките и препораките за надминат праг на алармирање се прекинуваат“, соопшти Министерството.
На 19 декември, Министерството објави мерки според кои им се препорачуваше на сите работодавци да ги ослободат од работните обврски бремените жени, лицата постари од 60 години и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста.
Б. НЕСТОРОСКА



