КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА ИМАЛА САМО ЕДЕН ПОМОШЕН ИЗЛЕЗ И НИСКИ ТАВАНИ, А ПРИСТАПОТ ЗА БРЗА ПОМОШ БИЛ БЛОКИРАН ОД ВОЗИЛА НА ГОСТИТЕ

    КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА ИМАЛА САМО ЕДЕН ПОМОШЕН ИЗЛЕЗ И НИСКИ ТАВАНИ, А ПРИСТАПОТ ЗА БРЗА ПОМОШ БИЛ БЛОКИРАН ОД ВОЗИЛА НА ГОСТИТЕВо кочанската дискотека имало само еден излез, а внатре над 1.000 гости. Правилникот за минимално-техничките услови за вршење на угостителската дејност бара на 100 лица да има еден излез (Фото: СДК.МК)

    Чудо е како работела дискотеката „Пулс“, во Кочани, во која во пожар ноќеска околу 2 часот загинаа 59 лица на возраст од 14 до 25 години. Засега не се знае дали и од кого добила дозвола за работа ни дали и од кого била контролирана, со оглед на тоа дека не ги исполнува главните безбедносни услови од Правилникот за минимално-техничките услови за вршење на угостителската дејност.

    Во дискотеката, според првичните информации од лица кои успеале да се спасат од пожарот, имало само еден излез на над 1.000 гости. Според првичните информации, како што претходно кажа министерот Тошковски, пожарот избил поради пиротехнички средства кои се користеле за светлосен ефект на концертот на групата ДНК. Пожарот избувнал на концертот на кој присуствувале околу 1.500 луѓе, по што настанало стампедо за излез на единствената врата во објектот. Момче кое успеало да се спаси изјави дека пожарот почна накај 2:30 по полноќ, од прскалките кои беа на сцена се запалил стиропорот на таванот, имало експлозија и паднал покривот, по што сите брзале да излезат на единствената врата.

    Дискотеката „Пулс“ е сместена во приземна куќа со еден прозорец на кој има решетки, и еден мал влез-излез. Дискотека е лоцирана во урбана средина меѓу куќи, во тесна и тешкодостапна уличка без паркинг. Колите на гостите се паркираат во околните улички и поради тоа улиците се недостапни за возила на брзата помош и противпожарната заштита.

    Член 9 од Правилникот за дозвола за угостителски објект ја регулира заштитата од пожар.

    Овој член изрично бара: „Угостителските објекти треба да работат во согласност со прописите за заштита од пожар, според кои во угостителските објекти треба да има апарати и друга опрема за гаснење пожар. Вработениот персонал треба да биде оспособен да ракува соодветно со тие апарати и опрема“.

    Вториот услов е внатрешната висина на просторот и расположлив простор за гостите. Член 12 од Правилникот вели: „Во угостителските објекти височината од подот до таванот треба да изнесува најмалку: 2,4 м во собите, 2,6 м во заедничките простории за престој, просториите за послужување и кујните. Во ресторани и други угостителски објекти во кои просториите за послужување на гостите имаат галерија (просторија на две нивоа), височината на просториите за послужување на гостите треба да изнесува најмалку 4,8 м од подот до таванот, а височината на галеријата од подот до таванот треба да изнесува најмалку 2,2 м. Во угостителските објекти, без оглед на називот, во кои гостите покрај пулт или шанк се послужуваат со храна и пијалаци, како и оние угостителски објекти кои даваат и услуги за забава на танчерски, музички и кабаре програми (ноќен бар, дансинг бар, кабаре, диско клуб и други слични ноќни објекти), треба да биде обезбеден простор од најмалку 0,8 м2 по еден гостин несметајќи го просторот зафатен со опремата (пулт, шанк и слично)“.

    Членот 31 од истиот Правилник, за кабаре, ноќен бар и диско клуб пропишува дека во вакви регистрирани објекти треба да има најмалку еден излез за итни ситуации за капацитет од 100 гости, а за поголем број на лица соодветен број на помошни излези.

    Според Правилникот, објектите треба да имаат соодветна вентилација која обезбедува промена на воздухот 20 патии во еден час. Треба да имаат соодветна звучна изолација во согласност со прописите за заштита од бучава. Диско клуб на отворен простор треба да биде одалечемн од станбените објекти во радиус од најмалку 300 метри возушна линија.

    На истрагата работи тим од шест обвинители.

    Меѓу загинатите има и полицаец од Пробиштип кој вечерта бил на должност во дискотеката, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. За четири лица распишана е потерница, а колку лица досега се приведени Тошковски не кажа.

    „Во овој момент се постапува и во Министерството за економија од каде се обезбедува документација за дискотеката како и за лица поврзани со истата. Загинат е и еден полициски службеник од полициската станица Пробиштип кој во моментот бил службено ангажиран односно постапувал по претходно изготвен план за угостителски објекти во делот со недозволена трговија со дрога и присуство на малолетници во дискотеката“, рече Тошковски.

    Тој не кажа за кои лица е распишана потерница, рече дека тоа во моментов не може да го каже.

    „Вклучени ќе бидат сите инспекциски служби кои во текот на денот ќе извршат контрола. Буквално сите кои имаат врска во процес на контрола, се анализира буквално сè што може да биде поврзано со овој ужасен настан како во делот на градежно-техничката документација, во делот на лиценци, постапување и обезбедување на објектот“, рече Тошковски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира