КОНТРОЛОРКА НА ЛЕТАЊЕ ОД СИНДИКАТОТ ОСТАВЕНА ПРЕД ВРАТА АКО САКА ДА НАСЛУШНУВА И ЅИРКА ДОДЕКА ДИРЕКТОРИТЕ САМИ ИНТЕРВЈУИРААТ И ОДЛУЧУВААТ КОЈ ЌЕ СЕ ВРАБОТИ ВО М-НАВ

    КОНТРОЛОРКА НА ЛЕТАЊЕ ОД СИНДИКАТОТ ОСТАВЕНА ПРЕД ВРАТА АКО САКА  ДА НАСЛУШНУВА И ЅИРКА ДОДЕКА ДИРЕКТОРИТЕ САМИ ИНТЕРВЈУИРААТ И ОДЛУЧУВААТ КОЈ ЌЕ СЕ ВРАБОТИ ВО М-НАВСиндикатот најавува дека и ова кршење на Колективниот договор ќе го пријават во Трудовата инспекција и ќе бараат огласот да се поништи; - Контролната кула на Скопскиот аеродром. (Фото: СДК.МК)

    Директорите на Македонска навигација (М-НАВ) не ја пуштиле контролорката на летање, делегирана од Синдикатот на контролори на летање, да присуствува ни при интервјуата со кандидатите на повторениот оглас за вработувања на непотребни места за почетни плати од над 1.000 евра.

    Ѝ кажале дека ако сака, може само да наслушнува пред вратата на канцеларијата каде двајца од тројцата директори разговарале со кандидатите и ексклузивно бирале кој ќе биде вработен.

    Ова ни го потврди вчера самиот директор на М-НАВ Владимир Ристески кого го прашавме дали како и при првиот оглас во јули, директорите повторно го повредија Колективниот договор поради што Синдикатот ги пријави во Трудовата инспекција.

    „Почитувана, денес 6 август се правеа интервјуа со кандидатите апликанти за огласите. Истото се правеше и во понеделникот. Никој никого не филтрира позади затворени врати. На синдикатите им е објаснето дека може да присуствуваат во просторијата пред канцеларијата каде се одвиваат интервјуата, со цел да видат дека процесот се одвива согласно записникот од комисијата. Не е дозволено присуство во просторијата каде се прават интервјуата затоа што кандидатите при интервјуто може да изнесат лични информации. Кон сите кандидати имаме исти стандарди и принципи при интервјуирање“, ни одговори Ристески.

    Во првиот наврат на овој оглас за вдомување на партиски кадри, по интервјуирањето зад затворени врати без задолжителното присуство на претставник од Синдикатот, беа примени: потпретседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, сопругот на директорката на Централниот регистер, која е од ВМРО-ДПМНЕ, сопруга на осуден за организираниот напад на Собранието на 27 април и други.

    Неофицијалните информации беа дека бидејќи другите кандидати ја немале потребната документација, односно не исполнувале услови, на 16 јули беше реобјавен дел од огласот од 9 јули, само за тие места кои за малку ќе им ги зеле други кандидати без партиски врски. Еден од кандидатите бил одбиен оти не знаел англиски јазик.

    Реобјавениот оглас на кој повторно немаше контролори на летање за да видат дали навистина избраните кандидати се тие најдобрите, или се со партиски врски, е за три места (две со средно и едно место „советник“, со високо образование).

    Сега ќе се примаат: „оператор за трансмисија на податоци и авторизација и надзор на летови“, за работно место „студент ВИ“ и за работното место „самостоен советник“, за кои Синдикатот на контролори на летање веќе реагираше дека се тотално измислени и непотребни места во М-НАВ, додека во исто време фалат контролори на летање, инженери, метеоролози и други дефицитарни кадри, поврзани со дејноста на Македонска навигација и со безбедноста на патниците кои летаат кон, од и преку Македонија.

    Синдикатот најавува дека и ова кршење на Колективниот договор ќе го пријават во Трудовата инспекција и ќе бараат огласот да се поништи.

    Прво со електронска пошта директорите побараа од Синдикатот претставник, или претставничка кои би присуствувале на интервуата за реобјавениот оглас за трите места што не се пополнија првиот пат со тие што треба. Кога отиде колешката, директорот Фатмир Зимбери ѝ кажал дека нема да може да влезе внатре и да го набљудува процесот. Се јави во Синдикатот, ѝ рековме да не седи пред врата, да си замине“, ни рече Александар Тасевски, претседател на Струковиот синдикат на контролорите на летање.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира