Лековите против згрутчување на крвта „еноксапарин“ и „надропарин“, популарно познати како „клексан“, од крајот на ноември ќе бидат на позитивната листа на лекови, кажа денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски. Овие лекови може да се користат како продолжено домашно лекување, по амбулантско или болничко лекување.
„Овие лекови досега беа на позитивната Б листа и за домашно лекување граѓаните мораа да користат рефундација. До крајот на ноември овие два лека ќе бидат достапни во аптеките на рецепт. Тука имаме двојна добивка, граѓаните, пациентите нема да мора да одат по шалтери за да ги рефуднираат средставата за овие лекови. А второто е дека ние ќе имаме помал притисок за работа и ќе можеме да се концентрираме на други прашања. Ова е уште еден чекор на префрлање на лекови од болничката на аптекарската листа, а ќе следат и нови чекори. Јас веќе најавив дека во оваа фаза се антикоагуланси бидејќи третираат еден широк спектар на лица кои имаат потреба“, кажа Клековски.
Во зависност од дозата, досега ампула „клексан“ чинеше над 200 денари, а се подигнува со извештај од специјалист. Клековски рече дека сѐ уште не се знае колку ќе чини партипацијата на граѓаните, бидејќи се во преговори со фирмите кои се дистрибутери.
Позитивната листа на лекови, односно лекови на товар на ФЗО, последен пат беше ревидирана лани во август, откако претходноо 13 години не беше обновена. Лани на листата на позитивни лекови беа додадени 9 нови генерици, а тоа се 87 лекови во различни имиња и форми. Помеѓу нив, опфатени се лекови за висок притисок, срцеви заболувања, антиагреганси, лекови за третман на депресија, како и за деменција.
Б. НЕСТОРОСКА

 
                                     
                                    

