ЛИЛЕ НЕ МИРУВА И ЗОКИ ЧИТАМ ГЛУПОСТИ ЗБОРЕЛ, МУ СЕ ЖАЛЕЛ КАМЧЕВ НА БОКИ

    ЛИЛЕ НЕ МИРУВА И ЗОКИ ЧИТАМ ГЛУПОСТИ ЗБОРЕЛ, МУ СЕ ЖАЛЕЛ КАМЧЕВ НА БОКИОбвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13 и сведокот Орце Камчев на судење за „Рекет“. (Фото: К. Попов)

    Обвинителките Вилма Русковска и Ивана Трајчева во продолжение на доказната постапка за рекет од обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 и за влијание врз истрагата „Империја“ од обвинетата Катица Јанева, презентираа комуникација преку Ватсап, првин меѓу Орце Камчев и Боки 13.

    На 25.2 2019, пет дена откако ги снимил како изнесува торба од неговата куќа, Орце Камчев првин му праќа на Боки скриншот од покана од СЈО, испратена до осомничените во „Империја“ со датум, па му пишува: „Покани? Нели завршија?“.

    Потоа пак му праќа слика од покана со број на предметот за „Империја“.

    На 4 март, Камчев му праќа на Боки линк од текст во САКАМДАКАЖАМ.МК со наслов „Орце Камчев е на слобода од денеска, за неговиот и пасошите на Панделески и Јосифовиќ ќе одлучува Кривичниот суд“.

    Потоа, му праќа скриншотови од начелното правно мислење од Врховниот суд кој ги замрзна истрагите на СЈО, отворени по 30 јуни 2017 година, меѓу кои, според Камчев, е и „Империја“.

    Па му пишува: „Лиле не мирува и Зоки читам глупости зборел“.

    Во последната порака му пишува: „Мерките на претпазливост ги одредува судија на претходна постапка…“ и во продолжение му ги праќа сите законски одредби во врска со неговата ситуација.

    На 10 март, Камчев го прашува Боки кога ќе дојде и овој му одговара ќе се видат во 20.30 часот.

    На 14 март, во ватсап порака, Камчев му праќа порака на Боки за дуќаните што ги дал под гаранција и му кажува дека ги заложил дуќанот „Сваровски“ кај „Рекорд“ и тој на „ДМ“ во ГТЦ.

    Му пишува дека гаранцијата е над 2 милиона евра и додава: „Ај провери кога ќе го пуштат мислењето“. Потоа му ја прецизира висината на гаранцијата: милион и 800 илјади евра „Сваровски“ дуќанот, 2,5 милиони евра „ДМ“ и 3,5 милиони евра за трет објект што го заложил.

    Сите овие пораки се од вештачењето во МВР на мобилниот на обвинетиот Бојан Јовановски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира