ЛИЦАТА СО АУТИСТИЧЕН СПЕКТАР НА НАРУШУВАЊЕ ВЛЕГОА ВО ЗАКОН, ФИРМИТЕ ЌЕ МОЖАТ ДА ГИ КОРИСТАТ НИВНИТЕ ДАРБИ И СПОСОБНОСТИ, ЗА ПОСЕБЕН ПРОСТОР И ОПРЕМА ЌЕ ИМ ПОМАГА ДРЖАВАТА

    ЛИЦАТА СО АУТИСТИЧЕН СПЕКТАР НА НАРУШУВАЊЕ ВЛЕГОА ВО ЗАКОН, ФИРМИТЕ ЌЕ МОЖАТ ДА ГИ КОРИСТАТ НИВНИТЕ ДАРБИ И СПОСОБНОСТИ, ЗА ПОСЕБЕН ПРОСТОР И ОПРЕМА ЌЕ ИМ ПОМАГА ДРЖАВАТАСо оглед дека голем број од лицата со аутизам и лицата со попреченост се работоспособни и можат да придонесуваат за себе и за општеството, Омбудсманот сметаше дека стариот закон беше на нивна штета. (Фото: СДК.МК)

    Лицата со аутизам за првпат влегоа во Законот за вработување на инвалидни лица и отсега работодавачите, сопственици на фирми ќе можат да ги користат нивните специфични дарби за одредени професии и место сами да обезбедуваат средства за посебни простории, услови за работа, слушалки за изолирање од надворешни звуци, гужви и галами, ќе можат да аплицираат и државата да им помогне.

    Измената на Законот за вработување на инвалидни лица со која и лицата со аутистичен спектар на нарушување и лицата со други первазивно развојни растројства ќе можат да бидат вработени, Собранието ја донесе на пленарната седница одржана на 12.09.2025 година, пред кампањата за локалните избори.

    Оваа законска измена ја побара Народниот правобранител, обраќајќи се пролетта до Владата со Иницијатива за измена на овој Закон и внесување на аутистичните лица во него.

    „Иницијативата беше прифатена од Владата и таа го задолжи надлежното Министерството за социјална политика, демографија и млади да подготви и до Владата да достави Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за вработување на инвалидни лица во насока на додавање на лицата со аутистичен спектар на нарушувања и лицата со други первазивно развојни растројства како инвалидни лица, а со цел остварување на правото на вработување и работа, согласно овој Закон“, ни рекоа од канцеларијата на Народниот правобранител.

    Постапувајќи по поднесена претставка од лице со аутистичен спектар на нарушување, во која се бараше интервенција со цел овозможување вработување во заштитно друштво, Народниот правобранител анализирајќи го Законот за вработување на инвалидни лица, со кој се уредуваат посебните услови за вработување и работење на инвалидни лица, утврди дека членот 2 од Законот во кој се дефинира „инвалидно лице“, не ги препознава лицата со аутистичен спектар на нарушување и лицата со други первазивно развојни растројства како лица со попреченост, односно како инвалидни лица.

    Поради тоа, тие не можеа да остварат право на вработување и работење како инвалидно лице, ниту да ги исползуваат посебните услови и погодностите за работење од Законот за вработување на инвалидни лица.

    До септември, во член 2 став 1 од Законот беше наведено следното: „Инвалидно лице е лице со оштетен вид, оштетен слух, со пречки во гласот, говорот и јазикот, телесно инвалидно лице, лице со пречки во интелектуалниот развиток и лице со комбинирани пречки кое поради степенот на инвалидност има специфични потреби во работењето“.

    Со оглед дека голем број од лицата со аутизам и лицата со попреченост се работоспособни и можат да придонесуваат за себе и за општеството во целина, особено и поради фактот дека уживањето на правото на вработување и работење е предуслов за соодветен животен стандард на живеење, независно и самостојно живеење и вклучување во заедницата, старото законско решение според Народниот правобранител беше на штета на лицата со аутистичен спектар на нарушувања и лицата со други первазивно развојни растројства и нивните семејства.

    Патем, и според стручната проценка на Службата за функционална проценка на деца и млади при ЈЗУ Здравствен дом Скопје, сѐ поголем е бројот на лица со аутистичен спектар на нарушувања за кои се врши функционална проценка и кои се проценуваат дека имаат функционални способности за да бидат вработени, но не можеа да остварат вработување согласно Законот за вработување на инвалидни лица, поради тоа што не беа сврстени/содржани во категоријата инвалидни лица, точно означени во членот 2 од конкретниот Закон, па оттаму остануваа невработени.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира