МАЈКА НА ПОЧИНАТО ДЕВОЈЧЕ КРШЕЛА ЅИД ЗА ДА ГИ ИЗВАДИ ДЕЦАТА ЗАГЛАВЕНИ ВО ТОАЛЕТОТ ВО „ПУЛС“, ПОЛИЦАЕЦ Ѝ РЕКОЛ ДЕКА НЕ Е ОБУЧЕН ЗА СПАСУВАЊЕ

    МАЈКА НА ПОЧИНАТО ДЕВОЈЧЕ КРШЕЛА ЅИД ЗА ДА ГИ ИЗВАДИ ДЕЦАТА ЗАГЛАВЕНИ ВО ТОАЛЕТОТ ВО „ПУЛС“, ПОЛИЦАЕЦ Ѝ РЕКОЛ ДЕКА НЕ Е ОБУЧЕН ЗА СПАСУВАЊЕГабриела Наунова, мајка на починатата Надица Наунова, сведочеше како, барајќи ја својата ќерка, кршела ѕид за да направи отвор за девојчињата заглавени во тоалетот. (Фото: СДК.МК)

    Ивана Минова, мајка на 16-годишната почината Драгана, денеска на судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ сведочеше за пеколот низ кој поминале со сопругот додека ја барале својата ќерка. Во пожарот што се случи на 16 март загинаа 63 млади лица, а над 200 беа повредени.

    Ожалостената мајка, која зборуваше тешко и бавно, изјави дека на децата заглавени во пожарот не им била пружена помош и дека сите обвинети, како и другите кои се фалеле дека помагале и спасувале животи лажат. Рече дека тие што навистина спасувале, сега се мртви.

    Таа сведочеше и дека полициско возило се појавило кога ја донела Драгана пред „Пулс“, но додека ја вртела колата за да си замине, возилото го снемало.

    „Си реков дека сѐ е во ред штом полициското возило си замина“, рече сведокот Минова.

    Таа кажа уште еден важен детаљ: дека покрај нејзината малолетна ќерка, нејзините другарки, братот и другарите на 13 и 14-годишна возраст, по патот и пред дискотеката видела уште многу деца и малолетници кои биле тргнати на концертот.

    Пожарот што избувнал можел да се види речиси од секој дом во Кочани.

    „Беше тешко да се гледа како млади деца се борат за своите животи. Некои од нив беа без облека. Излегов, го видов сопругот како седи до мојата ќерка. Беше со облека, се израдував, мислев дека е само онесвестена. Тој ја зеде Драгана во рацете. Ја качивме во кола, ја однесовме во болница. Таму глетката беше слична. Во ходникот на Брзата помош лежеа мртви деца. Насекаде крв, мирис на изгорени тела. Мислев дека Драгана ќе ги отвори очите. Лежеше на подот. Ја однесоа. Но, не на Одделение, туку ја насочија кон мртовечницата. Драгана отиде на концерт, а ни ја вратија во сандак“, се слушна повторно гласен плач во судницата.

    Габриела Наунова, мајка на починатата Надица Наунова, сведочеше како, барајќи ја својата ќерка, кршела ѕид за да направи отвор за девојчињата заглавени во тоалетот.

    „Во тој момент ми подадоа едно девојче. Очињата ѝ беа отворени. Беше тоа мојата Надица“, се расплака мајката.

    Претходно му се обратила на полицаец за да помогне во спасувањето на децата, но тој одговорил: „Не сум обучен јас за ова“.

    „Во болницата ја однесоа Надица на хирургија. Медицинска сестра им кажала дека пулсот ѝ го вратиле. Јас најдов начин да ја видам преку стакло. Лежеше мртва на креветот, сама, без никого до неа… Многу е тешко да си го гледаш сопственото дете мртво!“, плачеше мајката. Заедно со неа плачеа сите родители на жртвите, поради што сведочењето беше прекинато за таа да се соземе и да се создадат услови за продолжување на судењето.

    Кога се врати, мајката изјави дека оттогаш на ништо не се сеќава. Настапил шок кај неа, се сеќава само дека Надица немала изгореници, била чиста како солза, а парфемот сѐ уште ѝ мирисал.

    Следното рочиште е закажано за 14 јануари 2026 година.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира