МАЈКА ОД СКОПЈЕ СЕДИ НА ЧАСОВИ СО ДВЕ БЛИЗНАЧКИ СО АУТИЗАМ БИДЕЈЌИ ДРЖАВАТА НЕ ИМ ОБЕЗБЕДИЛА АСИСТЕНТИ

    МАЈКА ОД СКОПЈЕ СЕДИ НА ЧАСОВИ СО ДВЕ БЛИЗНАЧКИ СО АУТИЗАМ БИДЕЈЌИ ДРЖАВАТА НЕ ИМ ОБЕЗБЕДИЛА АСИСТЕНТИТаткото мора да оди на работа и да заработува, зашто освен тоа што требаат пари за живот, прегледите на девојчињата со попреченост ги плаќаат на приватно, а суплементите во исхраната за нив, не одат на рецепт. (архивска фотографија)

    Мартина Младеновски од скопско Нерези, мајка на две првачиња, близначки со попреченост, бара државата да им го обезбеди законското право на образовен асистент, зашто вели – нема за нејзините деца кои имаат аутизам и треба да одат во редовното (инклузивно) образование.

    Од први септември Мартина оди во основното училиште „Братство“ и седи со нејзините две девојчиња на час. Но, вели дека проблемот е масовен, образовни асистенти нема за сите или за повеќето првачињата со попреченост.

    Оваа храбра жена за разлика од останатите граѓани, е ускратена од соништата да се вработи, да остварува приходи, да плаќа придонеси за пензионерски денови. Таа е и мајка, и образовен асистент, и медицинска сестра, и физиотерапевт, и готвачка но и мајка на мало бебе, братче на нејзините првоодделенки.

    Таткото мора да оди на работа и да заработува, зашто освен тоа што требаат пари за живот, прегледите на девојчињата со попреченост ги плаќаат на приватно, а суплементите во исхраната за нив, не одат на рецепт.

    „Не знам веќе по кој пат треба да се обратам и на која врата да тропнам за некој конечно да го слушне ова што го зборуваме ние родителите на деца со попреченост. Моите две девојчиња оваа година започнаа во редовно училиште. За нив тоа е огромна промена, нова средина, нови луѓе, нова рутина. И наместо да се фокусираме на нивното прилагодување, учењето и на сите убави работи што ги носи почетокот на едно ново поглавје, јас веќе неколку дена седам со нив во училиште. Зошто? Затоа што немаат обезбедени образовни асистенти, и тоа замислете, им следувало само еден. Одговорот што го добиваме е дека се чека одобрение од МОН, па потоа ООУ ‘Златан Сремец’ треба да распише конкурс и да ги ангажира асистентите“, раскажува Мартина како ја шетале од училиштето во МОН, а од МОН во „Златан Сремец“, а оотаму пак во МОН, зашто велат оглас можат да распишат само и само со одобрение на Министерството.

    Мартина вели дека не може да се пожали од училиштето, откаде прават комбинации, се борат да обезбедат асистенти за двете најмали ученички со аутизам, но тие секогаш се различни по лик и непознати за нејзините деца.

    „Разбирам дека постојат процедури. Разбирам дека и училиштето е ограничено со тие процедури. Но децата не можат да чекаат администрацијата да си ја заврши работата. За дете со попреченост промената на рутина и постојаното менување на луѓето кои треба да му бидат поддршка не е мала работа. На овие деца им треба сигурност, позната личност, доверба и континуитет. Не може денес еден човек, утре друг, задутре трет и да очекуваме детето само да се приспособи. И да, јас сум нивна мајка и ќе бидам со нив секогаш кога им треба. Но не можам јас да бидам и мајка и образовен асистент и терапевт и организатор и човекот што секојдневно ќе се бори со институциите.

    Мартина вели дека не го кажува ова за да се жали.

    „За моите деца ќе направам се што е во моја моќ. Но не е во ред јас да ги пополнувам дупките што системот не успева, а очигледно и не сака да го пополни. Не барам привилегија. Не барам ништо повеќе од другите. Барам моите деца да го добијат она што им е потребно за да можат рамноправно да одат на училиште. Ова не е само моја приказна. Ова е проблем со кој се соочуваат многу родители и за кој премногу често се молчи“, кажува растргнатата мајка дека не може повеќе да молчи. Таа смета дека нејзините деца заслужуваат да бидат ученици, а не да бидат оставени да чекаат системот да одлучи кога ќе има време за нив.

    Додава дека не е во ред министерката за образование и наука Весна Јаневска да зборува за што помасовно зачнување и раѓање на деца, за останување во Македонија, кога од друга страна државата работи против тоа и кога системот за одредени деца не функционира.

    САДАМДАКАЖАМ.МК се обрати до Министерството за образование и наука со прашања кога ќе се реши проблемот со недостиг на образовните асистенти.

    Оттаму не добивме конкретен одговор.

    „Информираме дека во тековната учебна година се ангажирани 1.358 образовни асистенти во основното и за прв пат – 166 во средното образование. Најмногу досега, а во тек е постапка и за ангажирање на дополнителен број на стручни лица кои ќе обезбедуваат образовна асистенција за децата, согласно пријавените потреби на нивните родители. Во меѓувреме, до завршување на постапката за избор, сите основни и средни училишта се задолжени да ги стават во функција сите расположливи кадровски и стручни капацитети со кои располагаат заради обезбедување на континуирана и функционална поддршка на учениците со попреченост и родителите можат да се обратат директно во училиштето“, велат од Министерството за образование и наука.
    Мартина вели дека се од ова кажаново од Министерството, тие како родители го направиле уште на 4 мај, кога бил уписот на првачињата. Со документ и препораки за девојчињата од надлежна комисија кои мора училиштето, односно МОН да ги исполнат, тие при уписот уредно ги пријавиле децата за образовни асистенти.

    Овие родители во очај се групираат и организираат на социјалните мрежи. И мајката Данче пишува дека нејзиното дете е прваче и нема образовен асистент. Исто и Емилија. Има фејсбук-група „Посебни родители“ и таму МОН може да види дека навистина има многу родители во безизлез зашто за нивните деца со попреченост нема образовни асистенти.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира