Македонија ќе добие национална фабрика за вештачка интелигенција „Везилка“. Со проектот кој беше промовиран денес, Македонија станува дел од европската мрежа на центри за вештачка интелегенција и добива пристап до најсовремена инфраструктура за развој на вештачка интелигенција, европски суперкомпјутери и нови можности за истражување и иновации. Проектот го спроведува Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје во соработка со Министерството за дигитална трансформација.
Проектот чини 6,5 милиони евра, од кои 1,5 милиони евра се државни средства, 1 милион евра се обезбедени од факултетите, а остатокот е финансиран од Европската Унија.
„Ова не е проект за компјутери. Ова е проект за луѓе. Ова е инвестиција во нашите студенти, истражувачи, инженери и претприемачи. Инвестиција во знаење, во конкурентна економија и во иднина во која македонските таленти ќе создаваат и успеваат дома. Особено сум горд што преку ‘Везилка‘ ќе работиме на развој на македонски јазични модели, затоа што во дигиталната ера и нашиот јазик, култура и идентитет мора да имаат свое место во технологиите на иднината. Денес поставуваме темели Македонија да биде држава што не само што ги користи новите технологии, туку активно учествува во нивното создавање“, рече министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на промоцијата на „Везилка“.
„Везилка“ се реализира преку стратешко партнерство со грчката фабрика за вештачка интелигенција „Фарос“ (Pharos), со што земјата се вклучува во европскиот екосистем за развој на доверлива и иновативна вештачка интелигенција. За „Везилка“ се обезбедени околу 6 милиони евра финансиска поддршка од Европската Унија преку програмата „Хоризонт Европа“ и иницијативата ЕуроХПЦ, а е кофинансиран од Министерството за дигитална трансформација и факултетот ФИНКИ кој е носител на проектот.
Целта на проектот е да обезбеди пристап до европска инфраструктура за вештачка интелигенција и напредни суперкомпјутерски капацитети, што би им овозможило на домашните истражувачи, универзитети, стартап компании и бизниси да развиваат нови производи и услуги со поголема додадена вредност во воспоставувањето на центарот се отвора можност македонската научна и технолошка заедница да работи на проекти кои можат да бидат конкурентни на европско и глобално ниво. Особено значаен сегмент е развојот на модели на вештачка интелигенција и дигитални алатки на македонски јазик, што треба да придонесе за поголемо присуство на јазикот во современите дигитални технологии.



