Министерството за земјоделство побара експертско мислење за состојбите во атарот на селото Љубојно предизвикани со сечата во шумата, како и проценка колку таа е ризична по месното население, имотите и локалната инфраструктура. За ваквите чекори, членовите на граѓанската иницијатива „Љубојно“ беа информирани преку допис од Секторот за шуми и ловство при Министерството. Годинава со чиста сеча требаше да се исечат 4.169 кубика, а поради протестите на жителите се стигна до 1.514. Жителите на Љубојно досега протестираат 128 дена и најавија дека со жив штит ќе ја бранат шумата од натамошна сеча.

На видеоматеријалите што ги снимивме со дрон се гледа соголен простор во шумата со големина на фудбалско игралиште. (Фото: СДК.МК)
Тие доставија барање со Министерството да запре сечата и да се измени Посебниот план за стопанисуствање со шумите и шумско-стопанската единица Пелистер-Брајчино со важност 2024-2033 година. Жителите стравуваат дека со сечата ќе настне ерозија на земјиштето и ќе се загрози опстанокот на селото со одрони и поплави.
„Министерството ги разгледа наводите и се обрати до ЈП ‘Национални шуми’ – Сектор за уредување шуми, како и до Факултетот за шумски науки, пејсажна архитектура и екоинженеринг ‘Ханс Ем’ од Скопје, од кои е побарано да извршат теренски увид и да дадат експертско мислење во врска со посочениот план за стопанисување со овој дел од шумаата, со посебен осоврт за состојбата во атарот на село Љубојно, како и проценка на ризик по месното население, имоти на луѓето и постоечка локална инфраструктура од извршување на предвидените активности“, се вели во известувањето од Министерството .
Од Министерството велат дека по добивањето на експертското мислење, ќе ги преземат неопходните активности во рамки на своите овластувања.
Посебниот план по кој беше спорведена сечата беше изработен од Јавното претпријатие „Национални шуми“, а одобрен од министерствата за земјоделство и за одбрана. Тој предвидува сеча на 4.169 кубни метри дрвна маса во двата оддела, 29 б и 30 б, од шумскостопанската единица Пелистер-Брајчино, за што теренот под концесија беше даден на фирмата „Диба трејд“ од Косел.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВА НА НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ:



