Министерството за животна средина и просторно планирање воведе низа мерки за скопските населби Центар, Гази Баба, Карпош и Лисиче откако мерните станици регистрирале зголемено загадување на воздухот.
„Според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 милиграми на кубен метар во текот на два последователни дена) е надминат на мерните места во Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и Ректорат“, соопшти Министерството.
Според објавените мерки, им се препорачува на сите работодавци да ги ослободат од работните обврски бремените жени, лицата постари од 60 години и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста.
Министерството бара да се засилат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-Интегрирана еколошка дозвола и на инсталациите со Б-Интегрирана еколошка дозвола и Елаборати, а инсталациите со континуиран мониторинг да овозможат јавен пристап до измерените податоци.
„Да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрирани возила и вонредните контроли на градилиштата, а се забранува горење на отворено“, соопшти Министерството за животна средина.
Исто така, им се препорачува на сите работодавци да го реорганизираат работното време, а лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот.



