МОМЧИЊАТА И МАЖИТЕ НЕ СМЕАТ ДА ПОТОНАТ ВО ТИШИНА И ДА БИДЕ ПРЕДОЦНА, ВЕЛИ ВИКТОР БУЧКОВСКИ ОД ПРВИОТ ЦЕНТАР ЗА МАШКО МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕ

    МОМЧИЊАТА И МАЖИТЕ НЕ СМЕАТ ДА ПОТОНАТ ВО ТИШИНА И ДА БИДЕ ПРЕДОЦНА, ВЕЛИ ВИКТОР БУЧКОВСКИ ОД ПРВИОТ ЦЕНТАР ЗА МАШКО МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕЖивотот е полн со предизвици и понекогаш тежината на тие предизвици може да биде неиздржливa, вели Бучковски. (Фото: К. Попов)

    Задоволни сме, но изненедени не би рекол, бидејќи до одреден степен бевме свесни за потребата од ваква услуга, поради повеќе причини, вели Виктор Бучковски, координатор на ММ Центарот за поддршка и советување на мажи. Асоцијацијата за здравствена едукација ХЕРА на 14 мај го отвори првиот ММ – Центар за советување и поддршка на момчиња и мажи, кој нуди бесплатни советувања кои ќе ги спроведуваат психотерапевти и психолози.

    „Искуствата по првиот месец од отворањето на Центарот се навистина позитивни. Задоволни сме од почетокот и од начинот на кој беше прифатен центарот од заедницата. Интересот е многу поголем од очекуваното, што само потврдува дека постои реална потреба за ваков тип на услуга. Нашите програми и активности беа добро прифатени, а повратните информации од клиентите и партнерите ни даваат поттик да продолжиме со нашата мисија. Задоволни сме, но изненедени не би рекол, бидејќи до одреден степен бевме свесни за потребата од ваква услуга, поради повеќе причини, но главната причина би рекол дека е финансиска, за многу луѓе одењето на психолог може да претставува луксуз, а потребата од разговор со стручно лице за нив е потреба“, вели Бучковски.

    Резултатите од неодамнешното истражување на Националниот младински совет на Македонија, покажувааат дека младите имаат сериозни предизвици со менталното здравје. Весна Матевска, програмскa раководителка во Асоцијацијата за здравствена едукација ХЕРА, на отворањето на Центарот рече дека податоците од ова истражување се поразителни, дури 58% од младите се борат со анксиозност, а 64% се чувствуваат депресивно.

    Бучковски вели и дека дополнително, времето во кое живееме е полно со секојдневни предизвици и стресови (позитивни или негативни) и тоа им покажува колку е важно да продолжат да работат на подигнување на јавната свест за грижата за менталното здравје и благосостојба.

    Просториите се сместени во Младинскиот центар „Сакам да знам” (Елисие Поповски Марко 2, Скопје). (Фото: ХЕРА)

    Во Центарот доаѓаат мажи и момчиња од различни возрасти, почнувајќи од тинејџери па сè до возрасни мажи. Она што е важно е дека секој кој има потреба од поддршка и советување е добредојден кај нив, возраста не е и не смее да биде ограничување за добивање на психолошка поддршка.

    Советувањето може да биде со физичко присуство или онлајн, а услугата е бесплатна и доверлива.

    Бучковски ги повикува сите момчиња и мажи кои се соочуваат со предизвици, без разлика дали се работи за ментално здравје, стрес, проблеми на работа, училиште или во приватниот живот, да не се двоумат и да дојдат во Центарот, каде ќе најдат пријателска и професионална поддршка, место каде што можат да зборуваат отворено и да добијат помош.

    „Мојот апел до сите млади момчиња и мажи е да не чекаат да стане предоцна. Животот е полн со предизвици и понекогаш тежината на тие предизвици може да биде неиздржлива. Кога ќе се најдеме во тешки, непријатни моменти, најважно е да знаеме дека не сме сами и дека постои помош и поддршка. Дури и во ситуации во кои имате одредени дилеми и не знаете што да сторите, на пример да смените работа, да прекинете врска која не ви е пријатна или пак што да учите или студирате, јавете се закажете термин за консултација и поддршка. Зошто е важно да побарате помош? Затоа што вашиот живот, вашето ментално здравје и вашата среќа се непроценливи. Нема ништо посилно од човек кој има храброст да признае дека му е потребна помош. Менталното здравје е исто толку важно колку и физичкото, и за жал, многумина од нас го занемаруваат тоа. Не дозволувајте да станете заложници на сопствените стравови и несигурности. Важно е да побарате помош, не само за вас, туку и за вашите блиски кои се грижат за вас. Не дозволувајте да потонете во тишина. Дојдете кај нас, бидејќи вашата сила е во вашата одлука да побарате помош“, апелира Бучковски.

    Координаторот додава дека во овој краток период успеале да формираат прекрасен тим, за што смета дека е многу важно, бидејќи достапноста и квалитетната услуга, секогаш мора да бидат на прво место. Во иднина плнираат проширување на нивните програми и подобрување на инфраструктурата за да може да опфатат уште повеќе корисници.

    Психотерапевтите работат по моделот на Австриското здружение Verein Für Männer- und Geschlechterthemen Steiermark, Austria, а со финансиска поддршка од Сојузното министерство за социјални прашања, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Австрија.

    Советувањата се спроведуваат со физичко присуство или преку виртуелни канали на македонски и албански јазик. Просториите се сместени во Младинскиот центар „Сакам да знам” (Елисие Поповски Марко 2, Скопје ). Центарот е отворен за советувања вторник, среда и четврток од 10 до 17 часот. Термините треба да се закажат на следниов телефoнски број 070/299-026, или на е-пошта: [email protected], како и на Инстаграм профилот man.mind.skopje.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира