МУ ДАВАВМЕ ВЕШТАЧКО ДИШЕЊЕ, УМОТ НЕ МИ ДАВАШЕ ДА СЕ ПОМИРАМ ДЕКА Е МРТОВ, СВЕДОЧИ МАЈКАТА НА АНДРЕЈ, ЗАГИНАТ ВО ПОЖАРОТ ВО „ПУЛС“

    МУ ДАВАВМЕ ВЕШТАЧКО ДИШЕЊЕ, УМОТ НЕ МИ ДАВАШЕ ДА СЕ ПОМИРАМ ДЕКА Е МРТОВ, СВЕДОЧИ МАЈКАТА НА АНДРЕЈ, ЗАГИНАТ ВО ПОЖАРОТ ВО „ПУЛС“Во пожарот во дискотеката „Пулс“ што се случи на 16 март загинаа 63 млади лица, а над 200 беа повредени. (Фото: СДК.МК)

    Со сведоштво на Марија Петрушева, мајка на загинатиот 24-годишен Андреј, денеска во Идризово продолжи судењето за катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ што се случи на 16 март. Во трагедијата загинаа 63 млади лица, а над 200 беа повредени.

    Петрушева пред судот до детали ја опиша ноќта на пожарот. Таа раскажа дека нејзиниот син Андреј, кој работел во ресторан и планирал повторно да замине на работа во Хрватска, последен пат се јавил во 18:30 часот, велејќи дека е преморен.

    „Околу 2.45 часот по полноќ ги слушнавме првите сирени. Погледнав од прозорецот кон болницата и видов пожарна кола како оди кон излезот на градот. Со сопругот отидовме на другата тераса и видовме како небото свети во далечината, токму таму каде што е ‘Пулс’. Знаев дека таму има концерт на ДНК и веднаш почнав да им ѕвонам на двајцата синови. На Андреј му пишав и на Инстаграм во 3:10 часот, но пораката до денес стои непрочитана“, сведочеше Петрушева.

    Семејството веднаш се упатило кон дискотеката, каде затекнале стотици луѓе, паника и пламен кој веќе го голтал објектот. Додека сопругот влегол во дискотеката да ги бара децата, Петрушева ги превртувала настраданите млади луѓе на паркингот, надевајќи се дека нема да го препознае својот син меѓу нив.

    „Едно дете ме слушна како викам и ми рече: ‘Вујно, Кристијан е добар, а Андреј имаше слаб пулс, ги однесоа со амбулантна кола’. Тогаш почувствував надеж, мислев дека штом се во болница, веќе им се помага. Не сфаќав дека децата што ги гледам легнати на земја се мртви, мислев дека се само онесвестени од чадот“, раскажа таа.

    Сцените во кочанската болница Петрушева ги опиша како „ужас“. Ходниците биле преполни со исцрнети и изгорени тела до непрепознавање. Таа го пронашла својот помлад син Кристијан на интерното одделение.

    „Кога ме виде, Кристијан само ми рече: ‘Мамо, не успеав да го спасам брат ми’. Влегов во собата број 2. Андреј лежеше таму, изгледаше толку живо што не верував дека е мртов. Му дававме вештачко дишење, мислев дека испушта звуци, дека се враќа… Го молев докторот што поминуваше да направи нешто, но тој само ме погледна, му го фати пулсот и ми рече дека веќе се лади. Ми кажа дека и останатите три деца во собата се починати“, сведочеше мајката.

    Помалиот син Кристијан, кој успеал да излезе од дискотеката, во неколку наврати се враќал внатре за да извлекува други млади луѓе додека очајно го барал својот брат. По трагедијата, неговата здравствена и психичка состојба е сериозно нарушена, па покрај тешките кошмари и вината што ја чувствува, тој морал и на итна операција поради последици од вдишувањето јаглероден моноксид.

    Марија Петрушева го заврши сведоштвото со зборовите дека нејзиниот живот е засекогаш уништен.

    „Се прашувам зошто се случи ова? Зошто не можеше да се спаси? Сега завидувам на личноста која е најодговорна за смртта на моето дете, бидејќи неговиот син е до него, а моето дете не напушти“, рече таа.

    За оваа трагедија се обвинети 35 физички и три правни лица. Обвинителството тврди дека „Пулс“ не била несреќа, туку резултат на долгогодишно беззаконие. Дискотеката работела незаконски уште од 2012 година, без соодветна противпожарна заштита, со нерегистрирани реконструкции и без исполнување на минималните технички услови за безбедност на посетителите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира