НА ДРЖАВНО ЌЕ СЕ ВРАБОТУВААТ 31,5 ОТСТО АЛБАНЦИ ОТИ ТАКА СИ ПРЕСМЕТАЛ МИНИСТЕРОТ АЛИТИ, МЕСТО 24,3 ОТСТО КАКО ШТО ВЕЛИ ЗАКОНОТ

    НА ДРЖАВНО ЌЕ СЕ ВРАБОТУВААТ 31,5 ОТСТО АЛБАНЦИ ОТИ ТАКА СИ ПРЕСМЕТАЛ МИНИСТЕРОТ АЛИТИ, МЕСТО 24,3 ОТСТО КАКО ШТО ВЕЛИ ЗАКОНОТАлити е министер од јануари годинава, кога неговата партија Алтернатива влезе во владејачката коалиција. (Фото: Фејсбук/МИОА)

    Според методологијата која си ја усогласил министерот за информатичко општество и администрација (МИОА) Адмирим Алити, отсега во државните институции ќе се вработуваат 31,54 отсто Албанци, иако според бројките од последниот попис, Албанците се 24,3 отсто од резидентното население. До бројката од 31,54 отсто министерот си дошол додавајќи ги во пресметката бројките од нерезидентното население од последниот попис и плус си додал уште два отсто од 7-те отсто административно попишани. Алити е министер од јануари годинава, кога неговата партија Алтернатива влезе во владејачката коалиција.

    Ваквата пресметка е спротивна на Законот за вработените во јавниот сектор, според кој распределбата на бројот на новите вработувања по припадност на заедница се прави според податоците од последниот попис на населението на територијата на Републиката Македонија. 

    „Во институциите на јавниот сектор кои се основани од страна на централната власт а кои дејноста, односно надлежноста ја вршат на централно ниво и/или преку подрачните единици или други организациски единици на локално ниво, како основ за распределба на бројот на планираните нови вработувања по припадност на заедница, се земаат податоците од последно спроведениот попис на населението на Република Македонија за територијата на цела Република Македонија“, гласи став 4 од членот 20-а на законот.

    Принтскрин од најновата верзија на балансерот на Министерството за информатичко општество и администрација за распределба на нови вработувања во државните институции.

    Според последниот попис, одржан во септември лани, на територијата на Македонија живеат 58,44 отсто Македонци, 24,3 отсто Албанци, 3,86 отсто Турци, 2,53 отсто Роми, 1,3 отсто Срби, 0,87 отсто Бошњаци и 0,47 отсто Власи. 7,2 отсто, или 132.260 граѓани, се попишани од административни извори и тие не влегуваат во процентите на националности. Според резултатите од самопопишувањето, во дијаспората се 66,36 отсто Албанци и 24,45 отсто Македонци.

    Кога ќе се соберат бројките од резидентното население во Македонија и самопопишаните македонски државјани во странство, 54,21 отсто се Македонци, 29,52 отсто се Албанци, 3,98 отсто се Турци, 2,34 отсто се Роми, 1,18 отсто се Срби, 0,87 отсто се Бошњаци и 0,44 отсто се Власи.

    Законот за вработените во јавниот сектор, кој започна со примена во 2015 година, предвидува механизам за распределба на новите вработувања со соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците, на ниво на секоја од институциите во јавниот сектор, а врз основа на потребите на самите институции изразени преку Годишни планови за вработување.

    Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор беше донесена во 2016 година и согласно методологијата секоја институција мора да изготвува годишен план за вработување и согласно годишниот план да ги спроведува постапките за вработување. 

    Распределбата на нови вработувања се прави електронски преку веб алатка на МИОА, наречена балансер. Најновата верзија на балансерот почна да функционира денеска. 

    М. ИЛИОСКИ

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира