НА КАМЧЕВ АПСЕЊЕТО НА ЉУБЕ МУ ГО НАЈАВИЛ „ТЕЛЕФОНИСТОТ“, КАКО ШТО ГО НАРЕКУВАМ ЈАС МИЈАЛКОВ, СВЕДОЧИ НОВИНАРКАТА ОЛИВЕРА ТРАЈКОВСКА ВО „ТОРТУРА“

    НА КАМЧЕВ АПСЕЊЕТО НА ЉУБЕ МУ ГО НАЈАВИЛ „ТЕЛЕФОНИСТОТ“, КАКО ШТО ГО НАРЕКУВАМ ЈАС МИЈАЛКОВ, СВЕДОЧИ НОВИНАРКАТА ОЛИВЕРА ТРАЈКОВСКА ВО „ТОРТУРА“Сведоците Орце Камчев и Оливера Трајковска утринава пред Кривичниот суд (Фото: К. Попов)

    Судењето за апсењето на Љубе Бошкоски во предметот на СЈО „Тортура“ продолжи денеска со сведочење на новинарката Оливера Трајковска.

    „Дадов исказ кој требаше да потврди дека снимките се автентични. Од снимките што ги слушнав, можам да кажам дека немам ништо дополнително да кажам. За настанот немам што да додадам. Знам за настанот, на 6 јуни бев на работа. Тоа беше несреќен ден, да бидам во студио и да ги слушам резултатите. Телефонскиот повик го добив на работа“, го почна сведочењето Трајковска.

    Таа вели дека дента имала повеќе телефонски разговори, а разговарала и со Јордан Камчев. Кажа дека нема потреба да го повторува разговорот кога веќе сум потврдила дека разговорите се автентични.

    „На Камчев му кажав дека сум прилично разочарана од настаните, а Јордан ми кажува дека ќе се случи нешто за еден час“, рече Трајковска.

    „Дали ви кажа од кого ја добил таа информација?“, беше прашан сведокот.

    „Ние во разговор имавме навика да го наречеме ’пријателот‘. Јас го викам ’телефонистот‘ и тоа сите го знаат. Тоа се однесува на Сашо Мијалков. Тој му кажал дека утре ќе се случи нешто“, одговори Трајковска.

    Таа пред ресторанот „Воденица“, каде што беше апсен Бошкоски, поминала по настанот. Но, таму сè уште биле новинарските екипи. Од нејзиниот балкон перспективата била појасна.

    „Сфатив дека доаѓа Бошкоски. Помислив дека е донесен да даде изјава. Чудни луѓе околу него, се префрлаат по колите и во еден момент го препознавам неговиот адвокат. Сфаќам дека не е прес-конференција на Љубе“, кажа Трајковска.

    Во „Тортура“, за нехумано постапување и изживување при апсењето на Љубе Бошкоски во 2011 година, утредента по победата на парламентарните избори на ВМРО-ДПМНЕ, првообвинет е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков, потоа командирот на „алфите“ во МВР Ивица Анчевски – Пуки и уште 5-мина од единицата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира