НА КУМАНОВКА Ѝ ЗАБОРАВИЛЕ СОНДА ПРИ ОПЕРАЦИЈА НА БУБРЕГ НА КЛИНИКАТА ЗА УРОЛОГИЈА, СУДОТ ВЕЛИ НЕМА ЛЕКАРСКА ГРЕШКА

    НА КУМАНОВКА Ѝ ЗАБОРАВИЛЕ СОНДА ПРИ ОПЕРАЦИЈА НА БУБРЕГ НА КЛИНИКАТА ЗА УРОЛОГИЈА, СУДОТ ВЕЛИ НЕМА ЛЕКАРСКА ГРЕШКАСупервештачењето утвдило дека дека сондата не била откриена при преглед на Клиниката затоа што мигрирала кон мочниот меур, и во случаи кога лежи прилепена до ѕидот на мочниот меур тешко се дијагностицира. (Фото: К. Попов)

    Основниот граѓански суд во Скопје ја отфрлил тужбата на Б. И. (55) од Куманово против Клиниката за урологија во Скопје, за исплата на надомест на штета поради заборавена сонда при лапароскопска операција на бубрег. Во пресудата, што ја изрече судијката Љиљана Костојчиноска на 10 април 2025, се вели дека во лекувањето на пациентката нема лекарска грешка и основ за одговорност.

    Документите за случајот се доставени преку алатката Пријави корупција на САКАМДАКАЖАМ.МК.

    „Во конкретниот случај, судот неспорно утврди дека докторите вработени кај тужениот, кои учествувале во лекувањето на тужителката, постапувале во околности на начин што се бара според стандардите на струката, посветувајќи го потребното внимание согласно професионалните правила. Ваквиот заклучок на судот е поткрепен со супервештачењето изработено од Одборот за судско-медицински вештачења при Медицинскиот факултет во Скопје, во кое вештите лица недвосмислено констатираа дека во постапката на лекување на тужителката не е направена лекарска грешка и дека тегобите кои тужителката ги чувствувала се резултат на друга етиологија“, стои во дел од пресудата.

    Откако ништо не ѝ откриле, направила преглед кај приватен уролог кој пронашол сонда во десниот мочен канал. Ја упатил на рентгенско снимање во Кумановската болница, каде биле потврдени неговите сомневања. Итно и била закажана нова операција на Клиниката за урологија, но овојпат, на нејзино барање кај друг доктор. По три месеци, на крајот на јуни сондата и била извадена и нејзината здравствена состојба се нормализирала. (Фото: Приватна архива)

    Супервештачењето, на кое главно се повикува судот, го изработиле проф. д-р. Скендер Саиди, проф. д-р.Оливер Станков и проф. д-р.Огнен Костовски од Медицинскиот факултет во Скопје. Тие во мислењето наведуваат дека сондата не била откриена при преглед на Клиниката затоа што мигрирала кон мочниот меур, и во случаи кога лежи прилепена до ѕидот на мочниот меур тешко се дијагностицира. Сондата три месеци пред лапароскопското отстранување на бубрегот ја поставил истиот доктор кој оперирал. Таа била со должина околу 26-30 сантиметри со пречник од 2мм, а при интервенцијата извадена е пола додека другиот дел останал во телото на жената.

    „Фактот што страното тело не било визуелизирано веднаш постоперативно не претставува пропуст на медицинскиот тим, туку е ограничување на самата метода. Како што утврдија супервештаците, останувањето на дел од сондата во телото на тужителката не предизвикало сериозно влошување на здравствената состојба, ниту пак довело до компликации кои значително би го намалиле квалитетот на животот или би ја загрозиле нејзината животна функција“, стои во пресудата.

    Б. И. е оперирана на 18 март 2019, кога поради циста и крајно оштетување e изваден десниот бубрег. Неколку недели откако излегла од болница ѝ се јавиле силни болки во десната страна на стомакот, поради што се јавила на лекар, кој тврдел дека тоа е нормална реакција по операцијата. Како одминувало времето состојбата се влошувала и почнала отежнато да мокри, да има крв во урината, вртоглавици и температура, поради што повторно отишла на Клиниката и побарала да и направат дополнителни испитувања. Откако ништо не ѝ откриле, направила преглед кај приватен уролог кој пронашол сонда во десниот мочен канал. Ја упатил на рентгенско снимање во Кумановската болница, каде биле потврдени неговите сомневања. Итно ѝ била закажана нова операција на Клиниката за урологија, но овојпат, на нејзино барање кај друг доктор. По три месеци, на крајот на јуни 2019, сондата ѝ била извадена и нејзината здравствена состојба се нормализирала.

    Адвокатот Марко Илиевски од Куманово, смета дека со ваквата пресуда Судот и Медицинскиот факултет се ставаат во заштита на лекарите и сакаат да ја прикријат нивната грешка која е толку очигледна. (Фото: СДК.МК)

    На барање на тужителката, стручен вешт наод направил и проф. д-р Слободан Ристевски, специјалист по урологија, во кое лоцира пропусти при лекувањето кои предизвикале дополнителни здравствени проблеми на пациентката и потреба од нов оперативен зафат.

    „Моето мислење е дека лекарите од ЈЗУ УК за урологија Скопје, при првата операција во март 2019 година, постапиле спротивно на правилата на медицинската струка (contra legem artis), бидејќи иако не било индицирано, било ставено медицинско помагало т. е. сонда во десниот мочен канал, а истата била пресечена во горниот дел и оставена или заборавена, а морала да биде отстранета, посебно во околности кога оштетената заради тоа имала сериозни нарушувања на здравствената состојба, и била непотребно подвргната на уште една интервенција. Постои јасна причинско-последична врска меѓу заборавената сонда и силно намалување на основните животни активности, работната неспособност и силни вознемирувачки општи и локални тегоби од страна на мочните патишта, кои оштетената ги имала во период март- јули 2019 година“, стои во вештачењето на д-р Ристевски.

    Адвокатот Марко Илиевски од Куманово, смета дека со ваквата пресуда Судот и Медицинскиот факултет се ставаат во заштита на лекарите и сакаат да ја прикријат нивната грешка која е толку очигледна. Тоа го покажува и од одлуката да се земе во обѕир само супервешатечењето.

    „Пред втората операција жената била во предсептична состојба, што беше констатирано и од супервештачењето, како рана фаза на сепса животот ѝ бил на конец, ако се чекало уште некое време можела да заврши фатално. Можела да мокри само во лавор ако лежи на под и ги подигне нозете на ѕид, при што чувствувала неиздржива болка. Проблемите ѝ ги правела сондата. Не треба да бидете правник или лекар за да заклучите дека ако се заборави предмет во телото на пациентот се работи за лекарска грешка. Иако овде имаше и услови за кривична пријава за несовесно лекување, не сакавме да одиме со таква пријава, на секој може да му се случи грешка при работа, сигурно дека докторот не го направил тоа намерно, ама треба да се признае вината и треба да се обесштети оној кој во целата состојба се нашол не по своја вина. Овде се работи за човечки животи, не за материјални добра“, вели Илиевски.

    Наместо да и исплати оштета од 1.5 милион денари (околу 24.000 евра) за надомест на нематеријална штета по основ на повреда на лични права поради претрпени физички болки како резултат на несовесно извршен оперативен зафат, судот ја задолжи Б. И. да ги надомести на тужениот трошоците на постапката во износ од 160.638,00 денари (околу 2.500 евра), во рок од 15 дена од приемот на пресудата.

    Адвокатот Илиевски, најави жалба до Апелциониот суд, а вели ако има потреба правдата ќе бара и на Врховен суд и во Судот во Стразбур.

    С. НИКОЛИЌ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира