Државниот обвинител Ненад Савески ќе им ги одземе сите овластувања на обвинителите кои водат предмети што не се од нивните матични обвинителства. Така, предметите „Талир 1“ за перење пари во ВМРО-ДПМНЕ и „Талир 2“ за незаконско финансирање на луксузната Бела палата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе ѝ бидат одземени на Ленче Ристоска и дадени на други обвинители.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК, дали освен тие на Ристоска, во предметите со овластувања на обвинители има и други за висока корупција, Савески одговори дека не знае ни за какви кривични дела се работи, ниту пак за кои делегирани обвинители во кои обвинителства се овластени да постапуваат.
„Правилото ќе важи за сите обвинители со дадени овластувања. Не може шеф на вишо обвинителство да застапува обвинение во друго. Па или шефувај, или оди на судења застапувај. Морам да знам кој што работи и еднаш засекогаш да се стави ред во Обвинителството“, рече Савески на денешниот брифинг со новинарите.
Денеска се одложи рочиштетоо за предметот „Талир 2“, зашто сведокот Кирил Божиновски од ВМРО-ДПМНЕ по вторпат не дојде на ова судење, исто како и минатиот пат.
Ако ѝ биде земен овој предмет на Ристоска, кој за разлика од „Талир 1“ за перењето пари не е под Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), туку е под Скопското обвинителство каде што работи таа, предметот ќе претрпи голема штета, зашто е на самиот крај. Треба да се сослуша само Божиновски и да се премине на завршни зборови и првостепена пресуда. Секој ден одолговлекување, значи застарување на предметот.
Овој случај веќе имаше првостепена пресуда, обвинетиот избеган експремиер Никола Груевски беше осуден на 6 години затвор, а Кирил Божиновски на условна затворска казна. Но на барање токму на обвинителството застапувано пред Скопска апелација од Јове Цветановски, кому вчера Советот на јавни обвинители му ја прекина дисциплинската постапка, пресудите беа укинати и предметот беше вратен на повторно судење.
Поради двете покренати обвиненија против ВМРО-ДПМНЕ и замрзнувањето на партискиот имот од околу 5 милиони евра, Ристоска долго време е изложена на навреди, закани за нејзин крај, притисоци, мобинг и попречување во кариерата од владејачката партија и од лидерот и премиер Христијан Мицкоски, за што Советот на јавни обвиители вчера едногласно донесе заклучок дека притисоците што ги чувствува од Мицкоски и од ВМРО-ДПМНЕ не биле насочени кон неа и не се од таква природа да влијаат врз обвинителската работа.
Савески рече дека ќе нема исклучоци за одземањето на овластувањата, освен за 15-те обвинители за големата трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, 2025 со 63 жртви, каде не може да се интервенира со оглед на комплексноста на доказите, како и за делегираните во Крива Паланка и Ресен, каде што нема обвинители.
С. К. ДЕЛЕВСКА



