НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ ЌЕ ИМА 69 КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ И 68 ЛИСТИ ЗА СОВЕТНИЦИ ОД НЕЗАВИСНИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ, ВОДИ ПРИЛЕП СО 7 ГРАДОНАЧАЛНИЧКИ КАНДИДАТУРИ

    НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ ЌЕ ИМА 69 КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ И 68 ЛИСТИ ЗА СОВЕТНИЦИ ОД НЕЗАВИСНИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ, ВОДИ ПРИЛЕП СО 7 ГРАДОНАЧАЛНИЧКИ КАНДИДАТУРИПо Прилеп, на второ место со најмногу независни кандидати за градоначалник е Демир Хисар со 5 пријави. (Фото: СДК.МК)

    За претстојните Локални избори, по завршување на рокот согласно член 63 од Изборниот законик, заклучно со 1 септември до 24 часот, до подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија (ДИК) за поднесување предлози за кандидатски листи за група избирачи со најмалку два потписа на избирачи, доставени се вкупно 69 иницијативи за предлагање листи за градоначалници на Општините и градоначалник на Град Скопје. Доставени се и 68 иницијативи за предлагање листи на советници за Советите на Општините и Советот на Град Скопје.

    Ване Цеков, Драган Николовски, Сашо Маневски, Горан Марковски, Сашо Панговски и Демир Исмаил доставиле иницијативи за кандидати за градоначалник на Скопје. Иницијатива за кандидатска листа за советници на Град Скопје од независните доставиле само Јана Белчева-Андреевска и Марјан Калевски.

    Води Прилеп со 7 кандидатури за градоначалник од независните, а по него е Демир Хисар со 5 кандидати. Во Охрид има најавено 4 кандидатури за независни листи, а само еден независен кандидат за градоначалник, Гоце Цветковски.

    Нема кандидатури за градоначалник од редот на независните во Гази Баба, Ѓорче Петров, Бутел, Илинден, Петровец од скопските општини. Има за Центар, Карпош, Чаир, Кисела Вода, Аеродром и Арачиново, каде има по еден кандидат, односно кандидатка.

    Потписи за независни кандидати за градоначалници се собраа за Општините Пробиштип, Македонска Каменица, Куманово, Крива Паланка, Охрид, Дебарца, Прилеп, Долнени Струга, Дебар Струмица, Радовиш, Брвеница, Свети Николе, Гевгелија, Демир Капија, Кичево, Македонски Брод, Кочани, Чешиново Облешево, Битола, Могила, Новаци, Ресен, Гостивар, Демир Хисар, Виница, Сарај, Центар, Аеродром,Карпош , Шуто Оризари, Арачиново, Кисела Вода, Зелениково, Студеничани, Чучер Сандево и градоначалник на Градот Скопје.

    Потписи за независни листи за членови на Советите на Општините и Советот на Градот Скопје се собраа за Општините Пробиштип, Македонска Каменица, Куманово, Старо Негоричане, Охрид, Дебарца, Прилеп, Долнени, Струга, Дебар, Босилово, Ново Село, Струмица, Тетово, Штип, Свети Николе, Лозово, Кичево, Македонски Брод, Кочани, Чешиново Облешево, Кавадарци, Битола, Могила, Ресен, Демир Хисар, Карпош, Сарај, Центар, Чучер Сандево, Кисела Вода, Зелениково, Студеничани и за Советот на Градот Скопје.

    На Локалните избори во 2021 учествуваа 57 независни листи со кандидати за советници во 40 Општини, кои вкупно собраа над 65 илјади гласови, со што излегоа како четврта политичка сила. На Локалните избори во 2017, независните кандидати обезбедија приближно 2,74% од местата во општинските Совети. Овој удел речиси се дуплираше во 2021, достигнувајќи историски максимум од 4,97%.

    Листите на кандидати за членови на Советот и листата на кандидат за градоначалник на Општината, заедно со евидентираните потписи како предлог и целокупната друга документација согласно законските услови и според Упатството на ДИК за начинот и постапката за поднесување, прием и потврдување на кандидатслите листи за локални избори 2025 година се поднесуваат до Општинските изборни комисии (ОИК) до 13 септември до 24 часот, кои одлучуваат дали ќе бидат потврдени.

    Кон листите за кандидати поднесени од група избирачи, покрај Образецот за собрани потписи за листата за градоначалник на општината односно Градот Скопје и/или листа на кандидати за членови на советот на општината односно советот на Градот Скопје, се доставуваат и сите документи кои се потребни согласно Упатството за начинот и постапката за поднесување на прием и потврдување на кандидатски листи за локалните избори 2025, кое е објавено на официјалната веб страна на Државната изборна комисија.

    Локалните избори ќе се одржат на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира