НА ШЕСТ ПАЦИЕНТИ ОД ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА ИМ Е ТРАНСПЛАНТИРАНА КОЖА, КАЖА Д-Р НАСТОВ, ДИРЕКТОР НА „СВ. НАУМ ОХРИДСКИ“

    НА ШЕСТ ПАЦИЕНТИ ОД ПОЖАРОТ ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА ИМ Е ТРАНСПЛАНТИРАНА КОЖА, КАЖА Д-Р НАСТОВ, ДИРЕКТОР НА „СВ. НАУМ ОХРИДСКИ“Директорото на Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје „Св. Наум Охридски“ Небојша Настов. (Фото: Јутјуб/принтскрин)

    На Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје во моментов се лекуваат десет пациенти кои се здобиле со повреди од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани минатиот викенд. Директорот на Клиниката, Небојша Настов, кажа дека шест од пациентите се со тешки изгореници и веќе им е направена трансплантација на кожа.

    На прес-конференција во Владата, Настов додаде дека останатите пациенти се во стабилна состојба и се очекува во текот на следната недела да бидат пуштени на домашно лекување. Тој вели дека ситуацијата е променлива и дека здравствената состојба на пациентите може да се менува.

    Во однос на пациентите кои се лекуваат во странство, Настов истакна дека тие ќе останат на лекување во странските болници до одредена фаза, по што ќе биде неопходно да се вратат во земјава. Во тек се протоколи и координација меѓу Министерството за здравство, Министерството за надворешни работи и Владата за нивното враќање и сместување во болничките капацитети во земјата.

    На прашање за состојбата на шесте пациенти кои се во критична состојба и се лекуваат во странство, Настов одговори дека детални информации ќе има по состанокот на Кризниот штаб. Болниците од странство испраќаат информации за состојбата на пациентите еднаш дневно.

    Во пожарот во дискотеката „Пулс“ загинаа 59 лица, а речиси 200 беа повредени, од кои 116 се испратени на лекување во странство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира