Се влошува состојбата со корупцијата, според резултатите од истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), за 2025 година.
Според Извештајот за процена на корупцијата во Северна Македонија 2025, во 2025 година, 36,7% од граѓаните биле изложени на коруптивен притисок, а 30,6% биле вклучени во корупција, што претставува пораст од над пет процентни поени во споредба со 2023 година.
Проекциите покажуваат дека речиси 536 илјади полнолетни граѓани барем еднаш биле соочени со барање за поткуп, а повеќе од 448 илјади граѓани дале поткуп барем еднаш изминатата година, што укажува на широка распространетост на административната корупција.
„Коруптивниот притисок расте, а јавниот отпор слабее. Корупцијата и понатаму претставува еден од најсериозните општествени предизвици за граѓаните, покажува последното истражување на МЦМС за процена на корупцијата. Новите податоци укажуваат на влошување на состојбите. Желбата за брзо лично богатење на оние на власт, неефикасното судство, слабиот административен надзор, непочитувањето на законите и недоволната заштита на пријавувачите, се најчестите причини за распространетоста на корупцијата кои ги наведуваат граѓаните. Овие ставови потврдуваат дека корупцијата се доживува како системски, а не како поединечен проблем“, велат проценките на невладиниот МЦМС, добиени од истражувањето.
Од друга страна, корупцијата и понатаму останува неказнива.
„Во 2024 година само 73 лица биле осудени за злоупотреба на службена положба или поткуп, што претставува стапка на ефикасност на институциите од 0,016% во однос на претпоставените случаи на корупција“, изброиле од МЦМС.
Загрижувачки е што прифатливоста на корупцијата е во пораст. Таа во Македонија станува вообичаено нешто дури за 677.763 граѓани, или за 46,3 отсто од испитаниците.
„Иако мнозинство од испитаниците (53,7%) не прифаќаат никаква форма на коруптивно однесување, сепак за 46,3% таа е прифатлива. Ова е значителен пад во споредба со 2023 година, кога две третини од населението изјавиле дека корупцијата е неприфатлива. Проекциите покажуваат дека за 677.763 полнолетни граѓани корупцијата е прифатлив начин на однесување. Овој број е значително зголемен, што претставува сериозен проблем за развојот на антикорупциските политики, бидејќи коруптивното однесување лесно може да биде злоупотребено од политички или бизнис-фактори“, предупредуваат истражувачите од оваа невладина организација.
И подложноста на корупција е на највисоко ниво во последната деценија. Во 2025 година 45% од граѓаните се подложни на корупција, односно се подготвени да прифатат или дадат поткуп во одредени околности. Проекцијата врз полнолетната популација укажува дека 660.180 граѓани би платиле доколку нема друг начин да го решат проблемот.
Песимизмот кај јавноста е висок.
„Во 2025 година, 78,9% од граѓаните очекуваат дека коруптивниот притисок ќе продолжи и во иднина, што покажува дека граѓаните не гледаат значаен простор за подобрување во блиска перспектива. Во поглед на ефикасноста на антикорупциските политики, 66,6% сметаат дека корупцијата не може значително да се намали, а само 33,2% веруваат дека може да биде намалена или искоренета. Ваквиот песимизам можеби претставува опасност за поттикнување повисоки стапки на прифатливост и вклученост во корупција“, стравуваат аналитичарите.
Перцепциите за корупцијата и понатаму се високи. Дури 69% од граѓаните сметаат дека повеќето или речиси сите службеници се корумпирани, што укажува на широко распространето чувство на недоверба.
Судиите (78,6%), јавните обвинители (74,6%) и полициските службеници (69,8%) се професиите со највисока перцепција на корумпираност. Истовремено, перцепцијата за корупција во институциите покажува промена на фокусот.
Министерството за внатрешни работи и Владата уживаат најголема доверба како институции за справување со корупцијата. Во 2025 година, МВР добива најголема доверба меѓу граѓаните како институција што може успешно да се справува со корупцијата (50,3% целосна или делумна доверба), а веднаш зад него е Владата со 47,4% доверба, што претставува значителен пораст во однос на 2023 година. Судовите (86,3% недоверба) и јавното обвинителство (77,3%) и понатаму се сметаат за најнеефикасни и најнедоверливи институции во справувањето со корупцијата.
С. К. ДЕЛЕВСКА




