Вработените во Зоолошката градина Скопје денеска излегоа на протест бидејќи немаат земено плата за месец март. Но, тие рекоа дека протестот не е против никого и не обвинуваат никого што немаат земено плата, туку само да ги видат дека се останати без пари. Во Зоо Скопје има околу 50 вработени, а платата им ја исплаќа Министерството за култура.
„Овој протест не го правиме против никого. Не е ни против (Министерството за) култура, ни против Град Скопје, како што имаше препукувања преку некои медиуми. Овој протест е за да нѐ видат дека ние стварно немаме земено плата за март месец. Последната плата ја земавме пред 45 дена. Нас ни требаат пари, а вчера изгубивме здравство поради неземено плата навреме. Кај без пари, па и без здравство. Затоа ги замолувам надлежните да најдат модус, да решат, за да ние што поскоро да земеме плата за да не дојдеме до други несакани работи, да не дојдеме поголеми штрајкови. Си ја бараме заслужената плата, што треба да ни ја дадат. Не обвинуваме никого, луѓе, верувајте ни, ни министри, ни градоначалници, ни директори, бараме само плата да ни се даде. Треба да ни исплати Министерството за култура, не знаеме зошто не ни е исплатено. Велигден го поминавме без пари, 1 Мај го поминавме без пари, што е многу, многу е“, кажа Миле Таневски, претседател на синдикалната организација во институцијата.
Мирослав Станковиќ, вработен како негувател во Зоо Скопје додаде:
„Ова не е ни протест, ова е значи во време на пауза, само една порака да ни се реши работата. Ние сме секојдневно склони на повреди, а сега веќе немаме ни здравствено осигурување“.
Директор на Зоо Скопје Зоран Попов претходно кажа дека вработените немаат земено плата за месец март поради Министерството за култура кое што е должно да ја исплати.