Не стигна комбето за спровод од струшкиот затвор со обвинетиот Сашо Мијалков утринава во Основниот Кривичен суд Скопје, иако судот тврди дека била испратена покана за денешното продолжение на судскиот процес „Титаник 2“, за злоупотреби и влијанија во Државната изборна комисија. Во март или април, на Мијалков му застарува делото. Тој ќе биде ослободен од кривично гонење, а другите обвинети во предметот не.
„Има уредна покана од судот за денешното рочиште. Зошто не дојде обвинетиот Мијалков, не знаеме, тоа допрва ќе се истражува“, ни рекоа од Кривичниот суд.
Судот има повратница од затворот во Струга дека таму стасала судската покана за Мијалков кој треба да е таму на издржување на тригодишната затворска казна по признанието на вина во предметот „Империја“.
„Судиите што го водат процесот се јавија во затворот во Струга, од каде им одговорија дека не добиле наредба за спровод на обвинетиот Сашо Мијалков. Но, судиите имаат повратница дека наредбата била примена уште пред осум дена, на 14.12.2022 година“, велат од Коалиција „Сите за правично судење“, кои таму беа присутни рано утринава.
На 8 март 2019 година Кривичниот суд го осуди поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков на три години затвор, а лидерот на ДПА Мендух Тачи на 3 години и 2 месеца во предметот. Бедредин Ибраими доби казна затвор од 4 години и 6 месеци, Влатко Сајковски 3 години, Сашо Срцев доби 3 години и Елизабета Стефановска, исто така, 3 години затвор.
Тачи, Ибраими, Сајковски, Срцев и Стефановска беа осудени за злоупотреба на службената положба и овластувањата, а Тачи дополнително и за поттикнување.
Мијалков беше осуден за примање награда за противзаконито влијание, кривично дело што им се става на товар на луѓе на моќни функции, во случајов како тогашен директор на УБК, кои замолуваат или наредуваат на други функционери и лица за да сторат кривично дело.
Според обвинението на СЈО, Мијалков нарачал преку лидерот на ДПА Мендух Тачи, да му наложи на сопартиецот од ДИК Бедредин Ибраими да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ на штета на тогашниот кандидат за градоначалник Зоран Заев.
Но, во декември 2019 година Апелациониот суд ја укина пресудата поради суштествени повреди на постапката и случајот го врати на повторно судење.
С. К. ДЕЛЕВСКА