НЕК’ ДОЈДЕ ЖИВОТ

Само со хумор тешко се преживува Македонија.

НЕК’ ДОЈДЕ ЖИВОТ

Драги мои,

Овие денови се преслушуваме, каде бевме, до каде стигнавме. Насловот на ова последно издание на „Сакам да кажам“ за оваа година е изваден од поднасловот на колумната објавена на 18 ноември. Во продолжение ги извадив сите поднаслови од колумните објавени од 7 јануари до 23 декември оваа година. Како што ќе забележите, многу често се навраќам на истите теми. Не само за годинава што си оди, туку и за последните триесет години.

Да се надеваме дека идната година животот ќе ни отвори нови теми. Пругата за Софија може да почека, оти тој правец кон ЕУ сè уште не ми е за верување, ама ако ништо друго, барем да не пишуваме пак за патот до Охрид.

Да сте ми живи и здрави. Уживајте во празниците.

 

  • Што да мислам за годината која почна со жестоки кавги за Тома и за Ноле?
  • Земја-членка на НАТО се доведе во ситуација не само политичката, туку енергетската, а со тоа и економската стабилност да ѝ зависи од фирма во чиј надзорен одбор седат руски бизнисмени.
  • Не се мамиме веќе ние на сигнали од Бугарија. Само еден е добриот сигнал – нека го симне ветото за Македонија.
  • Ако не почнеме да преговараме за време на српското претседателство со ЕУ, тогаш сигурно првата меѓувладина конференција ќе биде за време на црногорското претседателство.
  • Светот за којшто сонувал Гоце Делчев едноставно – не постои.
  • Владата ја покачи платата на работниците. Сега треба и на неработниците.
  • Невиното мавтање на бугарскиот европратеник Џамбаски не е нацистички поздрав. Тоа е административен поздрав. Така мавтале администраторите на Македонија од 1941 до 1943 година.
  • Путин ги казнува Украинците дека не се Руси. Радев ги казнува Македонците дека не се Бугари. А ЕУ? ЕУ е „длабоко загрижена“.
  • Си има ред во ЕУ. Прво Гоце Делчев, па после Украина.
  • Америка да нè брани, ама Путин да нè води.
  • Кога Владата ќе рече дека јавната администрација треба да штеди, станува појасно колку расипнички троши.
  • Ние сме одлучиле. Прашање е дали ЕУ одлучила  Македонија да влезе во ЕУ. Или ќе нè остави на Русија?
  • Малку мака си имаме што за нам да ни одобрат европска иднина треба да решиме чиј е цар Самоил, па сега уште да се секираме и за европската иднина на Европејците, да не ги подели Русија.
  • Ех, кога би можеле вработените во приватните фирми да организираат еден контраштрајк и барем еден месец да не ги плаќаат придонесите за платите на државната администрација. Ама државата не се секира за даночните обврзници, со нив не преговара и не ги тинтра.
  • Тоа е државата. Една голема дивоградба без лиценца. И најстрашно е што тоа никому не му пречи. А и да ни пречи, кому да се жалиш, кога не им пречи ни на тие на кои им плаќаме да им пречи.
  • Следниот услов ќе биде – ај не претерувајте со антифашизмот ако сакате да влезете во ЕУ.
  • Која приватна компанија може да издржи производство на 20.000 шкарт производи?
  • Како запнал Мицкоски за предвремени избори, чиниш Груевски веќе купил карта за враќање од азилот во Будимпешта.
  • ЕУ Вистинска и ЕУ од Али експрес. Маседоан ди Норд, зеро пуа.
  • Не знаеш кој е поненормален. Дали Бугарите што бараат од Македонците да им докажат дека постојат, или Македонците што влегуваат во процес на докажување дека постојат.
  • Со што да ја уценуваме власта ние од приватните фирми ако не ни се покачат платите?
  • Ионака сите дремете на Фејсбук, читајте дека премиерот има план.
  • Си го губиме времето со Бугарија. А од нив можеме да научиме само како да украдеме милијарда евра од пристапните фондови на ЕУ.
  • Путин така вика, ама Путин не е Радев.
  • ЕУ сериозно сфаќа дека Бугарија сака Македонците да станат Бугари.
  • Дали нашава власт побарала гаранција од другите земји-членки на ЕУ дека во иднина нема да бидат соучесници на малтретирањето од Бугарија?
  • Наместо да обезбеди стабилизација, ЕУ преку Бугарија ја дестабилизира Македонија.
  • Ама зошто, по ѓаволите, вие таму во ЕУ воопшто прифативте отворање муабет за нашето постоење и за постоењето на нашиот македонски јазик?
  • Да сме сега некои граѓани, па да ја затрупаме нашата „контакт точка“ – македонското Министерство за надворешни работи со барем еден милион поплаки за говор на омраза од Бугарија кон македонскиот јазик.
  • Ајде да си го вратиме празникот. Да ја славиме Републиката, а не да ги славиме партиите.
  • Само со хумор тешко се преживува Македонија. За оваа болест потребна е потешка терапија.
  • Кое фајде од даночната реформа ќе имаат граѓаните во држава каде важи правилото: За криминалците амнестии и продолжен одмор во Струга, за партиските ајдуци тендери, а за компаниите и чесните граѓани – даноци.
  • Едно општество за сите не значи дека државата треба да биде фер за сите, освен за тие што плаќаат данок.
  • Не треба да штедиме струја. Не може државата да ги казнува чесните плаќачи поради нечесните неплаќачи. Само полицијата нека ги фати крадците и – нема зима.
  • Еден пороен дожд од неполн половина час во главниот град покажа колку голема лага е терминот „инвеститори“ во градежништвото чии интереси ги брани секоја локална, а и државна власт од 1991 досега.
  • Ако алтернативата за неспособноста на СДСМ и самоволието на ДУИ е ова ВМРО-ДПМНЕ засилено со Левица, тогаш црно ни се пишува. Спас од сите нив треба да се бара.
  • Ако не можеме да крадеме, ќе си одиме.
  • Во криза прво децата да ги жртвуваме. Тие нека седат дома, а јавната администрација нека се грее по канцеларии.
  • Нѐ чека тешка зима, ковид кризата уште не е замината, цените растат, Путин се заканува со нуклеарна катастрофа, а нам стабилноста на државата ни зависи од партиски тепачки за пари.
  • Мирно и достоинствено да го изедначиме фашизмот со антифашизмот.
  • Американците решија да ни ги реновираат и спомениците од Втората светска војна. Изгледа дека тие имаат повеќе свест за значењето што антифашизмот го има за нашата држава отколку сите наши власти заедно.
  • Дај им пари. И не чепкај ги копчињата.
  • Ние ја градиме пругата, пругата нѐ гради нас.
  • Партизаните во гроб ни се превртуват со толкава брзина што можеме струја да произведуваме.
  • Кого да го викнеме да го менува системот за кој премиерот сфатил дека не чини? Новата американска амбасадорка ли?
  • Нек’ дојде живот.
  • Со помош на Јапонија, Македонија доби и вселенска програма.
  • Нема ние да го вратиме Груевски.
  • Тежок им е животот на функционерите со ваков народ што ги корумпира.
  • Во оваа држава се казнети само даночните обврзници што редовно си ги плаќаат даноците и казните.-
  • Дали крадат во име на македонштината или во име на ЕУ интеграциите, исто ни се фаќа.

ЛИНК ДО СИТЕ КОЛУМНИ „САКАМ ДА КАЖАМ“

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира