НЕМА ДА ИМА ДАНОК ЗА НЕМАЖЕНИ И НЕЖЕНЕТИ, СЕ ИЗВИНУВАМ НА СИТЕ КОИ ТАКА МЕ СФАТИЈА, РЕЧЕ ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ

    НЕМА ДА ИМА ДАНОК ЗА НЕМАЖЕНИ И НЕЖЕНЕТИ, СЕ ИЗВИНУВАМ НА СИТЕ КОИ ТАКА МЕ СФАТИЈА, РЕЧЕ ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИМицкоски рече дека целта била да се испровоцира јавна дебата бидејќи е загрижен за демографската состојба во земјава.(Фото: К. Попов)  

    Премиерот Христијан Мицкоски денеска кажа дека нема да биде воведен данок за немажени и неженети и се извинува на сите кои така го разбрале. Одговарајќи на новинарско прашање после седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за неговата изјава дека ќе биде воведен данок за немажени и неженети, рече дека целта била да се испровоцира јавна дебата бидејќи е загрижен за демографската состојба во земјава.

    Мицкоски на 4 јуни на настанот „Демоградски трендови, предизвици и можни решенија“ рече дека Владата размислува за воведување дополнителни даноци за немажени и неженети, без да образложи.

    „Нема да има никакви даноци и се извинувам длабоко ако некој погрешно ме разбрал.  Но, она што можам да го заклучам е дека ние тивко исчезнуваме и изумираме и тоа поминува така незабележено, како општоприфатен факт и ние треба да се помириме со тоа. Јас не можам и би било неодговорно од моја страна да се помирам со фактот дека во 2016 година се родени 23.000 бебиња во Македонија, а во 2024 година 16.000. Тое е рецесија од 30 отсто. Во 2021 година сме имале 13.300 бракови, а три години потоа во 2024 година 11.100 бракови, тоа е 17 отсто рецесија“, рече денеска Мицкоски.

    Мицкоски смета дека решение за овој проблем не е финансиска подршка од државата за секое родено дете бидејќи тоа го покажувале светските искуства.

    „Една од најбогатите светски економии и со најнизок фертилитет, Јужна Кореја, има потрошено според ‘Гардијан‘, 270 милијарди долари  во последните 15 години за да стигне на стапка на фертелитет од 0,75 посто. Тоа значи две мајки раѓаат едно дете. Значи не е до финансиите, до срцето и главата е, до желбата и умот. Затоа, инститирам во читанката наместо ‘јас, мама и тато‘ да стои ‘јас, мама, тато, дада и бато‘. Јас јавно повикувам на дебата за ова прашање“, рече Мицкоски.

    По изјавата на Мицкоски на 4 јули, на нашите прашања колкав ќе биде данокот и врз која демократска пракса се темели оваа идеја и како е во согласност со ЕУ законодавството, од Владата ни одговорија дека станува збор за прашање за кое уште се размислува.

    „Се размислува и се разгледуваат можностите за воведување на дополнителни даноци кои ќе бидат во насока на пошироките напори за враќање на вербата и справување со демографската рецесија за што претседателот на Владата имаше свое поопширно излагање“, одговорија од Владата.

    На изјавата на Мицкоски на 4 јули реагираа од Мрежата за заштита од дискриминација велејќи дека дека тоа е закана за основните човекови права и принципите на еднаквост и слобода. Од Мрежата велат дека животниот стил не е основа за оданочување и оти во демократска и современа држава, бракот треба да биде слободен избор, а не даночна обврска.

    „Наместо казнување на личните избори преку даночен систем, потребни се политики кои ги поддржуваат младите семејства, достапни градинки, сигурно вработување, родова еднаквост и слободен избор на партнерство и родителство“, велат од Мрежата за заштита од дискриминација.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира