„Никој не смее да биде казнет поради непроменета возачка дозвола и возачка книшка без вина на граѓаните и кои не се истечени во поглед на рок на важност сметано од издавањето, особено не за учество во сообраќајот во рамките на територијата на нашата држава“, изјави претседателот на државата Стево Пемндаровски во недела доцна навечер, откако Министееството за внатрешни работи соопшти дека од 12 февруари нема да важат ни возачките дозволи со старото уставно име Република Македонија.
„Неприфатливо е македонските граѓани кои се веќе изложени на сопствен трошок да менуваат документи, да бидат ставени во состојба на паника и страв дали ќе бидат казнувани при нивното учество во сообраќај“, стои во посменото обраќање на шефот на државата, која бара од парламентарните политички партии веднаш да донесат измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и соодветните норми во други закони што ја регулираат оваа област за да им се овозможи на граѓаните да им важат возачките дозволи и возачките книшки, а чиј рок на важење не е истечен сметано од нивното издавање.
Министерството за внатрешни работи претходно, во неделата попладне соопшти дека „ќе постапува согласно закон и затоа апелира граѓаните да не управуваат возило доколку немаат валидна возачка дозвола со името Република Северна Македонија“.
„Предупредуваме и дека во случај на настаната штета при евентуална сообраќајна несреќа, поради невалидната возачка дозвола, граѓаните кои немаат валидна возачка дозвола ќе мора да ги сносат последиците околу евентуалната штета“, стои во соопштението од МВР.
Пендаровски потсети дека пред неколку седмици кажал дека „доколку се има политичка волја, законските решенија може да се донесат во многу краток рок“.
Претседателот на државата ги повика надлежните институции навремено и точно да ги информираат граѓаните за сите чекори кои се преземаат да се надмине оваа неприфатлива ситуација потсетувајќи дека државата ќе го имплементира сите меѓународно правни обврски што ги имаме преземено согласно Преспанскиот договор што Република Македонија го постигна со Република Грција под покровителство на Обединетите нации за решавање на спорот за името.