НОВИНАРИ И ФУНКЦИОНЕРИ ДОЈДОА ВО КРИВИЧНИОТ СУД ДА СВЕДОЧАТ ЗА МАСОВНОТО НЕЗАКОНСКО ПРИСЛУШУВАЊЕ

    НОВИНАРИ И ФУНКЦИОНЕРИ ДОЈДОА ВО КРИВИЧНИОТ СУД ДА СВЕДОЧАТ ЗА МАСОВНОТО НЕЗАКОНСКО ПРИСЛУШУВАЊЕОбвинетиот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков и дел од новинарите на денешното судење за „Тврдина-Таргет“ на кое сведочат за масовното незаконско прислушување. (Фото: К. Попов)

    Дваесетина новинари, уредници, функционери на СДСМ и од МВР дојдоа во Основниот кривичен суд Скопје да сведочат денеска во предметот „Тврдина-Таргет”, бидејќи со години незаконски биле прислушувани од страна на УБК.

    Новинарот Горан Михајловски, кој тогаш беше главен уредник на весникот „Вест“, а сега е основач и главен уредник на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК, бил незаконски следен од 1 февруари 2013 до 10 март 2015, новинарката Мери Јордановска од 15 февруари 2014 до 10 март 2015, телефонот на новинарот Борјан Јовановски бил прислушуван од 3 декември 2010 до 10 јануари 2013, итн.

    Телефонот на ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска бил незаконски прислушуван повеќе од 700 денови. Трите телефони на поранешниот министер за транспорт, Миле Јанакиески над 800 денови, телефонот на Али Ахмети бил прислушуван повеќе од 1.000 денови, на Мендух Тачи над 1.200 денови, на Муса Џафери над 1.658 денови. Ексминистерот за внатрешни и сегашен директор на „Комерцијална банка“ Хари Костов бил незаконски следен најмалку 732 дена.

    Според обвинението, докази се најдени за незаконски прислушувани 5.827 телефонски броеви. За останатите 15-тина илјади броеви на граѓани, поранешното раководство на Телеком, под тогашна контрола на ВМРО-ДПМНЕ, не ги пушти специјалните обвинители да ги обезбедат и тие докази.

    За масовното прислушување кое траело од 2008 до 2015 година преку 3 системи за следење, а и по 2015 година, обвинети се ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, началникот на Петтата управа Горан Грујевски, Никола Бошкоски од УБК, Гордана Јанкулоска како тогашна министерка за внатрешни работи, Тони Јакимовски и шестмина вработени во УБК кои ги вклучувале и слушале телефонските разговори.

    По наредба на Грујевски и со одобрение на Јанкулоска, кога се откри скандалот со прислушувањето, скапата опрема со која биле слушани граѓаните со години, како старата, така и новата опрема, биле згмечена, здробена и балирана за што сведоци дадоа детален опис.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира