Новиот бугарски премиер Кирил Петков најави дека Бугарија ќе ја промени позицијата на блокада на кандидатурата на Македонија за членка на Европската Унија, во интервју за „Фајненшл Тајмс“. Интервјуто на угледниот британски весник е со наслов: „Новиот бугарски премиер се обврзува на пресврт во врска со ЕУ амбициите на Северна Македонија“.
Во него, Петков вели дека Бугарија е 100 отсто на вистинската страна на политиките на НАТО и ЕУ.
„Ќе предложам нова процедура во односите со Северна Македонија, многу брза, со многу краток краен рок од само 6 месеци“, вели Петков.
Новиот бугарски премиер го повтори неговиот став дека неговата влада ќе ги постави преговорите со Македонија на нови основи.
„Ќе користиме работни групи кои што ќе најдат решенија по прашања како заедничка економска активност, инфраструктура, култура и историја“, најави Петков.
Овој план тој го презентирал и во Бугарија, но вели дека не може да гарантира дека двостраните проблеми ќе бидат решени.
Од „Фајненшл Тајмс“ забележуваат дека Петков ќе има проблеми при формулирањето на политиката на владата кон Македонија, бидејќи во коалицијата е партијата ИТН на Слави Трифонов, кој смета дека Македонија е етнички и културно бугарска. Новата министерка за надворешни работи Теодора Генчовска е токму од партијата на Трифонов.
Денеска, македонскиот премиер Зоран Заев му се јави на Петков да му честита на изборот за бугарски премиер. Заев кажа дека во телефонскиот разговор двајцата се согласиле да продолжат да работат на изнаоѓање прифатливо решение за деблокирање на постапката за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ и за нов позитивен импулс за зајакнување на билатералните односи меѓу нашите две земји, во име на заедничката европска иднина.
Денеска во Брисел е состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, а министерката Генчовска вчера изјави дека бугарската позиција за Република Северна Македонија ќе се придржува до Договорот за добрососедство од 2017 година и до Декларацијата на Народното собрание од 2019 година.