Семејствата на загинатите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ ќе можат да дадат исказ во Обвинителството во рамките на истрагата која ја спроведуваат јавни обвинители. Од Јавното обвинителство денеска соопштија дека во следните 2 дена, во соработка со волонтерите од „Супорт Кочани“, Обвинителството ќе ги контактира најблиските на починатите за да се утврди точно време и место кога ќе можат да го остварат ова свое право.
Сослушувањата ќе се вршат согласно утврден распоред од 27 мај (вторник) до 29 мај (четврток) во просториите на Јавното обвинителство во договор со оштетените.
„Ваквите сослушувања се поединечни и на нив ќе биде повикан по еден законски застапник на секоја од жртвите за да се произнесе во однос на правата како оштетени. Тој во својот исказ ќе може да предложи и други лица од семејството кои евентуално имаат сознанија за настанот. Преку исказите тие ќе можат да ги остварат своите права како оштетени и да се приклучат кон кривичниот прогон. Исто така, ќе можат и директно да се информираат за текот и фазата во која се наоѓа постапката, но и да кажат свои сознанија за настанот“, велат од Обвинителството.
Од Обвинителството велат дека сè уште е активен и повикот до сите останати кои имаат да споделат лични сведоштва за несреќата, информации и докази во однос на работата на клубот „Пулс” и поврзаните фирми, како и сознанија во врска со работата на институциите надлежни да постапуваат. Тоа може да се направи со пополнување на формулар за пријава, кој потоа треба да се испрати електронски на [email protected].
Во пожарот во импровизираната кочанска дискотека „Пулс“, кој се случи на 16 март, загинаа 62 лица, од кои 6 малолетници, а 193 беа повредени, од кои 25 деца.
Црвениот крст в;ера соопшти дека досега се собрани над 2,5 милиони евра донации за помош на погодените од несреќата, а вкупно се распределени 1,7 милиони евра на семејствата на загинатите и на повредените кои се лекуваат во странство и во земјава.
„Преостанатите средства во износ од 46.593.866,00 денари (над 750.000 евра) на сметката на Црвениот крст, по направените проценки кои се во тек, за тежината на повредите и прогнозите за времетрање на лекувањето и потребите на повредените, направени од стручни и компетентни институции во државата, а со цел објективизација и постигнување на целите и задоволување на реалните потреби на настраданите лица, Црвениот крст навремено ќе пристапи кон распредлба на средствата“, соопшти Црвениот крст.
Државниот обвинител Љупчо Коцевски на 22 мај кажа дека за десетина дена завршува истрагата. Рече дека во моментов нема нови осомничени лица покрај оние 68 физички и три правни лица за кои беше известена јавноста. Коцевски кажа дека во истрагата се сослушани над 300 лица.
„За десет дена треба да заврши истрагата, а кон средината на јуни, се очекува јавно обвинителска одлука. Во моментов се испрашуваат сведоци, осомничени, се прибираат докази. Распрашани се можеби над 300 лица“, рече тој.
Од 68-те осомничени, 13 се полициски службеници. Најголем дел се осомничени за дејствија извршени пред пожарот, а за дејства во време на пожарот од актуелни функционери осомничени се само двајца, градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов кој поднесе оставка на 17 март и актуелниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Џеват Селами. Дел од уапсените, меѓу кои и министерот Шабан Салиу, не е осомничен поради актуелната функција туку поради функцијата која ја вршел пред 2017.