Основното јавно обвинителство ( ОЈО) Струга оформи предмет за објектот кој се гради во самата струшка чаршија и покрај тоа што има решение за стопирање на градбата, а издаден е и рок за усогласување на објектот со законот за градење од градителот.
„Во однос на предметната парцела за која покажувате интерес, Ве известуваме дека Основното јавно обвинителство Струга денеска оформи предмет и достави Барање до Градежната инспекција на Општина Струга во рок од три дена да изврши контрола за да утврди какви градежни активности се изведуваат и дали за истите има одобрение. Доколку инспекциски надзор е извршен, органот е задолжен веднаш да го достави извештајот до обвинителството“, стои во одговорот кој го добивме од ОЈО за случајот кој преку алатката Пријави корупција на САКАМДАКАЖАМ.МК го пријави граѓанин на Струга.
Стружанецот тврди дека градежните активности се изведуваат за време на викенд кога надлежните институции не работат оти се гради незаконски и спротивно на Законот за градење.
Пратеничката од Левица Јована Мојсоска, која го поднела барањето за вонреден инспекциски надзор на објектот како и барање за изрекување привремени мерки за спречување на кривично дело Бесправно градење до ОЈО Струга вели дека доколку не запрат градежните активности овој случај ќе покаже дека се работи за системска корупција.
„Поднесов барање до Основното јавно обвинителство во Струга да поднесе барање до надлежниот суд за изрекување на привремени мерки: привремено запирање на градежните активности, отстранување на бесправно изградените објекти како и забрана за понатамошно градење. Според Член 244-а од Кривичниот законик, бесправното градење претставува кривично дело за кое е предвидена казна затвор од три до осум години. Одговорноста сега е во рацете на ОЈО Струга, кое мора да иницира запирање на градежните активности, како и МВР која треба да поднесе кривична пријава поради бесправно градење. Затоа што ако никне уште една дивоградба во самиот центар на Струга, и покрај механизмите кои можат да ги преземат бројни институции МВР, ОЈО, суд, правобранители, тогаш не се работи само за корумпирани поединци, туку за тотална системска корупција и моќници кои се посилни од самата држава“, смета Мојсоска.
Објектот кој е во самата Струшка чаршија е само еден од трите за кои во моментот градежен инспектор има издадено решение за стопирање на градбата.
С. ВРЕНЦОВСКА