Се постапува по првата пријава на градоначалничката Данела Арсовска и побарано е од Финансиската полиција да ја прибави целата документација за дивоградбите од Општина Чаир, велат од Јавното обвинителство за САКАМДАКАЖАМ.МК. Градоначалниката Данела Арсовска на 31 мај достави документи за незаконски легализации на дивоградби во Обвинителството, а вчера до до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) достави докази за нови, како што рече, криминални легализации од градоначалникот Висар Ганиу.
„Во однос на првата пријава, веднаш по приемот надлежниот јавен обвинител изврши проверки и идентификација на конкретните парцели. На 5 јуни јавниот обвинител издаде детална наредба до Управата за финансиска полиција, од која побара согласно нејзините законски овластувања, да ја прибави целокупната документација од Општина Чаир за наведените парцели, да се прибави документација поврзана со постапките за легализација на наведените објекти, да се прибави документација од Град Скопје и Агенцијата за катастар за недвижности, да се извршат разговори со конкретно наведени лица, како и да се направат и други проверки и да се обезбедат докази во однос на статусот на градба на наведените локации од 2010 година до денес“, велат од Обвинителстовото.
Наредени се проверки и во определени правни лица и во Министерството за транспорт и врски, како и преземање други дејствија со цел откривање на кривично дело и сторител. Од Обвинителството велат дека по наредбата сè уште се постапува.
„Во однос на втората пријава, истата вчера е примена во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, додават од Обвинителството.
Градоначалничката Арсовска вчера до ОЈОГОКК достави докази за 20 незаконски легализации на дивоградби во Општина Чаир. Кажа дека еден од случаите е за зградата изградена во 2024, но градоначалникот Висар Ганиу со фалсификувани документи потпишал дека е изградена во 2011 година, а тогаш лицето кое ја градело имало 11 години.
Законот за лeгализација на дивоградби важи за објекти изградени до 2011.
А. АНТЕВСКА