Лиценцата од 2012 година имала важност од само една година и не значела дозвола за дискотеката „Пулс“ да работи на друга локација или да прима прекумерен број луѓе, тврдеше денеска одбраната на поранешниот министер за економија Ваљон Сараќини во воведниот говор на судењето за пожарот во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Адвокатот Даниел Георгиевски рече дека обвинението против Сараќини е правно и логички неиздржано, бидејќи во 2012 година била издадена лиценца за кабаре на улица „Димитар Влахов“, што е сосема различна локација од улица „Крижевска“ каде што се случи трагедијата во март 2025 година.
„Како може да прекршите одредба од закон која воопшто и не постои во закон? За каква каузалност зборуваме овде, кога во времето на случување на трагедијата објектот воопшто нема активна и важечка лиценца?“, праша Георгиевски пред судот.
Адвокатката Татијана Поповски Буловски додаде дека Министерството за економија испитува само исполнетост на формални услови, односно дали е поднесена потребната документација, а не и материјалните услови на терен.
„Документацијата била потполна, но дали била вистинита, на тоа прашање треба да се произнесат барателот и инспекторите од ДПИ кои вршеле проверки, а не Министерството, а уште помалку министер“, рече таа.
Одбраната на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, преку адвокатот Еленко Миланов, исто така негираше каква било поврзаност со трагичниот настан. Миланов нагласи дека лиценците од 2023 и 2024 година не се личен акт на Бектеши.
„Лиценците за кои се тврди дека создавале каузалитет се издадени врз основа на овластување и се водат со факсимил, а не со личен потпис на министерот. Нема ниту една лиценца потпишана лично од Крешник Бектеши“, рече Миланов.
Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, најави дека ќе докаже оти клубот бил „смртоносна стапица“ поради систематска негрижа и институционални пропусти.
На обвинителна клупа седат вкупно 34 лица, меѓу кои сопственици, инспектори и државни службеници. Воведни зборови допрва треба да дадат одбраните на останатите обвинети, меѓу кои и пазарните инспектори и сопственикот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев.
Судењето продолжува утре.



