ОХРИДСКИОТ РЕГИОН КОНЕЧНО ДА БИДЕ ВПИШАН ВО ЛИСТАТА НА СВЕТСКИ НАСЛЕДСТВА ВО ОПАСНОСТ ЗА ДА СЕ ЗАШТИТИ, БАРААТ ОД УНЕСКО 40 ОРГАНИЗАЦИИ ОД ЕВРОПА

    ОХРИДСКИОТ РЕГИОН КОНЕЧНО ДА БИДЕ ВПИШАН ВО ЛИСТАТА НА СВЕТСКИ НАСЛЕДСТВА ВО ОПАСНОСТ ЗА ДА СЕ ЗАШТИТИ, БАРААТ ОД УНЕСКО 40 ОРГАНИЗАЦИИ ОД ЕВРОПАКомитетот за светско наследство на УНЕСКО деновиве ќе гласа за нацрт-одлуката која предвидува Охридскиот Регион, единственото македонско природно и културно светско наследство, да биде впишан во Листата на светски наследства во опасност. (Фото: СДК.МК)

    Охридскиот Регион да се впише во Листата на светски наследства во опасност, бараат 40 организации од регионот и од Европа од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО. Тие бараат таа одлука да се донесе на 47 сесија на Комитетот за светско наследство која почна на 6 јули во седиштето на УНЕСКО во Париз.

    Во следните неколку дена Комитетот по третпат ќе гласа дали Охридскиот Регион, единственото македонско природно и културно светско наследство, ќе биде впишан во Листата на светски наследства во опасност. Нацрт-одлуката е објавена и предвидува впишување во листата. Покрај останатото, во нацрт-одлуката на Комитетот за светско наследство се бара од Македонија итно да ја подобри заштитата на Студенчишко Блато, веднаш да ги стопира сите градежни активности во околината на блатото и хотелскиот комплекс Горица и да го ревидира предлог-законот за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природата за да осигура дека истиот е во согласност со стандардите на ИУЦН и наодите на мисијата од 2024 година.

    „Имајќи го предвид степенот на досегашната деструкција, итната потреба за реставрација на природните и културните вредности на подрачјето, екстремно загрижени поради сите се уште нереализирани (но усвоени/одобрени) планови и проекти и реалната опасност за неповратно губење на интегритетот и автентичноста, бараме Комитетот за светско наследство на својата 47 сесија во Париз, Франција, да го заштити и зачува Охридскиот Регион за сите идни генерации, со тоа што ќе ја усвои нацрт-одлуката за негово впишување во Листата на светски наследства во опасност“, се вели во писмото потпишано од 17 организации од Македонија, 13 од Албанија, 1 европска мрежа од 15 организации и 9 организации од Хрватска, Србија, Бугарија, Австрија и Обединетото Кралство.

    Граѓанските организации го доставија писмо до сите 21 членови на Комитетот, со кое бараат усвојување на нацрт-одлуката,„имајќи ги предвид претходните две искуства, кога Комитетот ги игнорираше препораките на експертите Охридскиот Регион да биде прогласен за светско наследство во опасност, што резултираше со нови закани и уште поголемо уништување на вредностите“.

    Писмото е проследено и со детален извештај на организацијата Фронт 21/42, во кој детално е анализирано што е спроведено на терен до одлуките Комитетот за светско наследство, проследено со визуелни симулации на тоа какво уништување на Охрид и Охридско ќе има ако се спроведат постоечките и планирани урбанистички планови донесени од локалните власти во Охрид.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира