ОРБАН ДОАЃА ВО ОХРИД ДА МУ ПОМОГНЕ НА ГРУЕВСКИ

    ОРБАН ДОАЃА ВО ОХРИД ДА МУ ПОМОГНЕ НА ГРУЕВСКИГруевски и Орбан последен пат официјално се сретнаа во Будимпешта на 8 јуни, кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ присуствуваше на средба на десничарските партии од Балканот организирана од унгарскиот премиер и тогаш беше договорено следната таква средба да се одржи во октомври. (Фото: Од фејсбук профилот на Никола Груевски)

    Унгарскиот премиер Виктор Орбан утре доаѓа во Македонија на строго приватна средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од дипломатски извори. Информацијата неофицијално ни ја потврдија и од партијата, иако оставаат мала резерва, бидејќи унгарскиот премиер беше на турнеја во југоисточна Азија, но треба да се врати во Европа.

    Дознаваме дека Орбан, овојпат во улога на лидер на Фидес, владејачката партија во Унгарија и сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ од Европските народни партии, ќе има средба со Груевски во Охрид. Таму ќе се задржи само неколку часа.

    Груевски и Орбан последен пат официјално се сретнаа во Будимпешта на 8 јуни, кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ присуствуваше на средба на десничарските партии од Балканот организирана од унгарскиот премиер. Тогаш беше договорено следната таква средба да се одржи во октомври. Груевски, кој остана без патни исправи во јули како обвинет во случајот на СЈО „Титаник“, бараше од Основниот суд Скопје 1 да му се врати пасошот и во барањето навел дека пасошот му треба за службени патувања, надвор од земјата.  Судот денеска го одби барањето на Груевски за укинување на мерките на претпазливост, вклучувајќи ги и одземените патни исправи, со образложение дека е неосновано.

    Пред 10 дена Груевски побарал средба со амбасадорите на земјите од ЕУ и дел од присутните дипломати на брифингот велат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ бил во поинакво светло отколку на протестите пред Државната изборна комисија по изборите на 11 декември минатата година, кога се закани дека веќе нема да има состаноци и преговори со амбасадори и странски посредници. Тогаш се појавија некролози на дел од сегашните и од поранешните амбасадори во Македонија, за кои што реагираа и ОБСЕ и Стејт департментот на САД.

    Пред два дена, партиската делегација на ВМРО-ДПМНЕ во состав Спиро Ристовски, Никола Попоски и Александар Николоски имаше средба со делегација на партијата Фидес, на која што, како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, од раководството на Фидес беше дадена безрезервна поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и посакан успех на престојните локални избори.

    ВМРО-ДПМНЕ за утре закажано митинзи во Вевчани и Струга во рамките на предизборната кампања за локалните избори.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира