ОТОВИЧКИОТ ЗАЛИВ НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ ИМА ФЕКАЛНО ЗАГАДУВАЊЕ ОД ЧОВЕЧКО ВЛИЈАНИЕ, ВЕЛИ НОВИОТ ИЗВЕШТАЈ ЗА КВАЛИТЕТОТ НА ВОДАТА

    ОТОВИЧКИОТ ЗАЛИВ НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ ИМА ФЕКАЛНО ЗАГАДУВАЊЕ ОД ЧОВЕЧКО ВЛИЈАНИЕ, ВЕЛИ НОВИОТ ИЗВЕШТАЈ ЗА КВАЛИТЕТОТ НА ВОДАТАВодата била испитувана на три длабочини 0,5, 7 и 13 метри и во Отовичкиот Залив. (Фото: СДК.МК)

    Резултатите од истражувањата на квалитетот на водата од Езерото Младост според европските директиви, се дека водата во Отовичкиот Залив е трета класа по фекална и органска загаденост. Водата по длабочина е втора класа по колиформни и ентеротрофни бактерии, освен длабинската која е трета класа, а трета класа е и според ентерококите и прва класа според ешерихија коли, што значи фекално загадување.

    Присуството на колиформните бактерии и фекално загадување укажуваат на човечко влијание, се вели во Извештајот за физичко-хемиски и бактериолошки анализи на водата од акумулацијата Езеро Младост, извршени од Хидробиолошкиот завод Охрид (ХБЗО), реализирани на 11 септември годинава, а објавен неодамна. Водата била испитувана на три длабочини 0,5, 7 и 13 метри и во Отовичкиот Залив.

    Класификацијата на фекално загадување според колиформни бактерии на сите три длабочини е втора класа и кај Отовички залив е трета класа. Според присуство на ешерихија коли на еден метар е прва класа а во заливот трета класа. Според добиените микробиолошки резултати, квалитетот на водата од езерото е трета класа, а кај Отовички Залив е лоша петта класа.

    Од Хидробиолошкиот завод повторно потенцираат дека за спас на езерото потребен е дотур на свежа вода во акумулацијата и отстранување на наслагите од површината но и од дното.

    Од ЈВП „Лисиче“ пред десетина дена започнаа со чистење на крајбрежјето на езерото од тиња, мул, изумрена трска и исушени дрва. Во тек е чистење на делот од Отовичката страна. До крајот на месецот ќе почне дупчење по текот на Отовичка Река, која е пресушена, а добиената вода треба да го полни езерото. Од „Лисиче“ најавија дека ќе се работи етапно и првите резултати би биле видливи при крајот на следната година.

    „Замолувам за трпение, да следите што работиме, во интерес на јавноста. Езерото е на сите. Се надевам дека до крајот на следната година ќе има видлив резултат на задоволство на сите“, кажа Ване Маневски, директор на „Лисиче“, кое е концесионер со водата од езерото и назначен од Владата за носител во решавањето на проблемот со ревитализација на акумулацијата.

    Велешкиот советник Јованче Манасков на седницата на Советот реагираше за чистењето на Отовичка Река.

    „Се пофаливте дека сте го исчистиле коритото на Отовичка Река. Коректно е да кажевте дека се исчистени 460 метри, потрошивте два милиони денари, а предвидени во Буџетот беа три. Се откажавте од еден милион денари, кои сега ги враќате за друга намена. Зошто се откажавте од чистењето од дополнителни 230 метри? Исчистени се 20 отсто од вкупната должина на пресушената река. Потребно е да се исчисти целата должина. Предвидено е 2,2 километри да се работат три години“, кажа Манасков.

    „Имаме дозвола за работа во период од две години. Со чистењето на Отовичка Река има резултати, ќе продолжиме и во наредната година, доколку има потреба, а сигурно ќе има. Не одбегнуваме да продолжиме со чистењето. Не велиме дека нема да го реализираме, има година дена пред нас, има можност да одвоиме средства и продолжиме со работа. Не се откажуваме“, одговори Петре Цилаков, раководител на Секторот за животна средина во Општина Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира