ОТВОРЕНА Е-ПОШТА ЗА ПРИЈАВА НА ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО ВО МАКЕДОНИЈА

    ОТВОРЕНА Е-ПОШТА ЗА ПРИЈАВА НА ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО ВО МАКЕДОНИЈАМинистерот Шаќири најави дека по секоја пријава за врсничко насилство веднаш ќе се постапува. (Фото: К. Попов)

    Отворени се електронски адреси каде младите, родителите и воопшто граѓаните можат да пријавуваат врсничко насилство: [email protected] и [email protected] на албански јазик, соопшти Министерството за образование и наукa (МОН). Адресите се веќе активни и министерот Јетон Шаќири најави дека по секоја пријава веднаш ќе се постапува.

    Мерката следи по масовните пукања во Белград и околината на Младеновац, во кои беа убиени вкупно 17 лица. Убијците се 14-годишен ученик и 20-годишник.

    „На моја иницијатива, денеска имавме дискусија со повеќе академски професори и експерти од областа на педагогијата, психологијата, социологијата, безбедносните науки, со цел да дискутираме што е тоа што можеме да го интегрираме во нашиот образовен систем, за да превенираме несакани настани како во соседна Србија. Ова е сериозен предизвик за сите нас, имавме плодна дискусија и сите сме согласни дека промени мора да се случуваат, затоа што новото време ја менува динамиката на живот, се менуваат трендовите, се менува однесувањето на младите. Овие предизвици бараат и соодветен одговор“, изјави Шаќири.

    Според него, процесот на креирање мерки за јакнење на воспитно-образовниот систем за справување со насилство ќе биде инклузивен и во него ќе се вклучат повеќе институции и поединци. Со цел вклучување на сите засегнати министерства, ќе следат и средби со Министерствата за труд и социјална политика, за внатрешни работи и за здравство.

    „Во рамки на постечките механизми за справување со меѓуврсничко насилство и девијантни однесувања на децата и младите, делуваат стручните служби во училиштата, Педагошката служба и Просветниот инспекторат, а МОН има конструктивна соработка со службите на МВР“, додаваат од МОН.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира