ПАРИЧНИ КАЗНИ ЗА РОДИТЕЛИТЕ И СТАРАТЕЛИТЕ НА ДЕЦА КОИ МАЛТРЕТИРААТ СОУЧЕНИЦИ ЌЕ ИМА СО ИЗМЕНИTE НА ЗАКОНОТ, РЕЧЕ ЈАНЕВСКА

    ПАРИЧНИ КАЗНИ ЗА РОДИТЕЛИТЕ И СТАРАТЕЛИТЕ НА ДЕЦА КОИ МАЛТРЕТИРААТ СОУЧЕНИЦИ ЌЕ ИМА СО ИЗМЕНИTE НА ЗАКОНОТ, РЕЧЕ ЈАНЕВСКАПринтскрин од видеата на социјалните мрежи од малтретирањето на 12-годишното девојче во скопски Аеродром. (Фото: МВР)

    Во собраниска процедура се законски измени кои предвидуваат парични казни за родителите и старателите на децата за кои ќе се утврди дека извршиле врсничко насилство во училиште, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска. Таа додаде  дека во многу семејства недостасува воспитната компонента и оти е потребно ангажирање на родителите за справување со врсничкото насилство.

    Последниот драматичен случај на врсничко насилство се случи пред два дена, а институционалната реакција следеше откако на социјалните мрежи беше објавена видеоснимка снимена од врсниците кои малтретирале 12-годишно девојче во Општина Аеродром.

    Министерството за внатрешни работи (МВР) претходно соопшти дека на 1 јули во 19:30 часот, во СВР Скопје 31-годишна жена пријави дека на 30 јуни околу 22:00 часот во парк на подрачјето на Општина Аеродром нејзината 12-годишна ќерка била физички нападната од 14-годишна малолетничка која била заедно со другарка и кои претходно ја натерале во два наврати да клекне на колена и да се извинува. Потоа откако тргнала да си оди била физички нападната од друга малолетничка, а целиот чин бил снимен со мобилен телефон од повеќе малолетници кои биле присутни, а едниот од нив го познавала. Истиот ден во полициска станица бил извршен службен разговор со две малолетнички во присуство на нивните родители. Известен е јавен обвинител за малолетници и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.

    „Во врска со предметниот настан се преземаат активности за утврдување на идентитетот и на други инволвирани малолетни лица за целосно расчистување на случајот по што ќе бидат поднесени кривични пријави за сторено кривично дело Насилство по член 386 и за сторено кривично дело Запуштање и малтретирање на малолетно лице по член 201 од Кривичниот законик“, вели МВР.

    Според Јаневска, врсничкото насилство може да запре само ако сите, и институции и наставници и целата заедницата, се ангажираат со целосна сериозност.

    „Но, посебно важна е улогата на родителите. Недостасува поголема грижа и посветеност од многу семејства кон своите деца. Не од сите, но од многу семејства недостасува токму таа воспитна компонента, што е основа за здраво растење. Последниот случај на врсничко насилство покажа деца со недостиг на емпатија и со изобличени вредности. Едни се изживуваат врз дете, а други стојат настрана, снимаат и се забавуваат, наместо да му помогнат и да го заштитат. Ова насилство е аларм за целото општество. Тоа е плод на недостиг на воспитна врска меѓу родителите и децата“, рече Јаневска на панелот за родители и старатели на ученици на тема врсничко насилство, што денес се одржа во Домот на културата „11 Октомври“ во Општина Гази Баба во Скопје.

    Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека бројката на полицајци не е доволна за да се воспостави позорникарска служба, односно да патролираат полицајци секаде каде што се движат граѓани.

    Тошковски денеска беше во Струмица каде во Секторот за внатрешни работи присутвуваше на промовирање на Простории уредени за разговор со деца кои се во судир со законот и на новинарско прашање дали се размислува за повторно враќање на позорникарите или „маалските полицајци“, одговори дека се преземаат мерки за што е можно поголемо присуство на полицијата на терен.

    „Но сепак, вработени во МВР се 11.650 вкупно и тие не можат да ја покријат територијата на Македонија во секое едно место кадешто имаме присуство на граѓани. Но, пак ќе повторам, работиме максимално на зајакнување на капацитетите и пруството на полицијата на терен. Со денешниве технологии многу е тешко да се скрие насилство, особено насилство што е сторено на јавен простор. Институционалниот одговор којшто треба да го даде МВР, гледаме во континуитет дека го дава. Дали треба да ги јакнеме капацитетите? Треба. Дали треба во иднина да го зголемиме бројот на камери што би ги имале низ градовите во Македонија? Треба. Дали работиме на тоа? Да, работиме. Така што посветени сме на соодветен одговор, но овие предизвици навистина не се така лесни и не се така мали. Ќе сториме сè што е потребно, особено за да може да си ги заштитиме дечињата и безбедноста на најранливата категорија којашто ја имаме во нашето општество“, рече Тошковски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира