ПАТНИЦИТЕ ОД БРОДОТ ЗАФАТЕН СО ХАНТАВИРУС СТИГНАА ВО МАДРИД, ШПАНЦИТЕ ОДАТ ВО ЗАДОЛЖИТЕЛЕН КАРАНТИН ВО ВОЕНА БОЛНИЦА

    ПАТНИЦИТЕ ОД БРОДОТ ЗАФАТЕН СО ХАНТАВИРУС СТИГНАА ВО МАДРИД, ШПАНЦИТЕ ОДАТ ВО ЗАДОЛЖИТЕЛЕН КАРАНТИН ВО ВОЕНА БОЛНИЦАПред качувањето во авионот во Тенерифе, персоналот ангажиран во операцијата им облече на евакуираните бели заштитни одела и ги прскаше со средства за дезинфеција на самиот аеродром. (Фото: Ел Мундо)

    Првата група патници евакуирани од крузерот „МС Хондиус“, на кој се појави зараза со хантавирус, пристигнаа во Мадрид. Четиринаесет шпански државјани со чартер-лет од Тенерифе беа пренесени во главниот град, каде што ќе бидат сместени во задолжителен карантин во воена болница.

    Пред качувањето во авионот во Тенерифе, персоналот ангажиран во операцијата им облече на евакуираните бели заштитни одела и ги прскаше со средства за дезинфеција на самиот аеродром. Агенцијата АФП објави дека попладнево и авион со петмина француски државјани слетал на аеродром северно од Париз, а се очекуваат и летови за Холандија, Грција, Германија, Велика Британија и САД.

    Шпанската министерка за здравство Моника Гарсија изјави дека операцијата се одвива нормално и дека сите патници на бродот засега се без симптоми. Крузерот се закотви во пристаништето Гранадиља во неделата пред зори, еден месец откако на него почина првиот патник.

    Евакуацијата се спроведува под строги безбедносни мерки, при што медицински тимови ги проверуваат сите лица на бродот за знаци на вирусот. Патниците со чамци се префрлаат до брегот, каде што ги пречекуваат службени лица во заштитна опрема, а потоа со автобуси се носат до локалниот аеродром. Последната група патници се очекува да замине за Австралија во понеделник.

    Светската здравствена организација препорача карантин од 42 дена за сите патници од моментот на последната изложеност, со оглед на тоа што вирусот има период на инкубација до девет недели. Епидемијата е поврзана со депонија на најјужниот дел на Аргентина, каде што вирусот го пренесуваат глодари. Иако преносот меѓу луѓе е редок, досега од хантавирус починаа тројца патници од овој брод.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира