Газдата на компанијата „Дурмо турс“ Дурмиш Белули денеска се пријави во затворот „Идризово“ за да почне да ја одлежува затворската казна од 10 години за страотната сообраќајна несреќа кај Ласкарци по превртувањето на негов неисправен автобус. Тогаш загинаа 16 патници, над 30 беа повредени. Директорот на „Идризово“ Зоран Јовановски потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК дека Белули е в затвор.
Како што објави САКАМДАКАЖАМ.МК на 1 декември 2025, Белули кој требаше да тој ден влезе в затвор, доби уште едно во бесконечната серија одложувања на затворската казна, зашто што тогаш требало ќе го оперира вториот тестис, откако првата операција на кила на тестис ја правел во октомври 2025. Извршувањето на казната беше одложено до 17 декември 2025.
По неколкукратни одлагања на затворската казна од 10 години, исто така поради операција на кила на тестиси, на крајот на ноември 2025 го снема Ремзи Мифтари, одговорниот на возниот парк во „Дурмо турс“. По него е распишана потерница.
Белули и Мифтари добија правосилни пресуди на 9 мај 2025. На 9 мај Апелациониот суд Скопје на Белули повеќе од двојно му ја зголеми затворската казна, т. е. од четири, на десет години. На Ремзи Мифтари му ја зголеми од шест на десет години затвор.
Судијата за САКАМДАКАЖАМ.МК на 1 декември изјави дека отишол во Тетовската болници и разговарал со хирургот на Белули.
„Лекарот стои зад своето специјалистичко мислење дека осудениот треба да се оперира“, рече тогаш судијата.
С. К. ДЕЛЕВСКА



